Совршена бура: екстремни горештини и пожари
28 јули 2025Екстремни горештини, сува трева, сува земја, отсуство на превентива, невнимание или можеби намера... Списокот на состојки во „рецептот" за пожари е долг, многу подолг од чергата на противпожарни и кадровски ресурси за справување со него.
Четиринаесет активни, 4 под контрола и 11 изгаснати - тоа беше вчерашниот биланс на пожари во Македонија до 18 часот, денот кога температурата повторно надмина 40 степени, во услови на силен ветер. Македонија не е единствената кој се соочува со огнена стихија. Во последните 24 часа в Србија се регистрирани 236 шумски пожари, Турција се бори со 84. Во соседна Бугарија стигнале четири хеликоптери кои Софија ги побарала по Механизмот за граѓанска заштита на ЕУ, а Италија испрати два авиона „Канадер" во Грција за да помогнат во борбата со најтешките пожари, а Хрватска два исти такви во Албанија.
Помош очекува и Македонија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вчера соопшти дека бил активиран Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија: се бара поддршка во воздухопловни капацитети, бидејќи теренските засега биле оценети како доволни.
Еден се локализира, избувнува друг
И додека се менува списокот на активни и изгаснати пожари, жителите на Катлановско синоќа се вознемирија од пламените јазици и густ црн чад кои го зафатија теренот после тунелот кај Катланово во насока кон Скопје. Огнот што зафатил голема површина од сув и нискостеблест појас во близина на автопатската лента, брзо се проширил поради силниот ветер.
Само неколку часа претходно се водеше битка за справување со друг. Граѓани беа вратени од граничниот премин Меџитлија поради пожар во близината на истоименото село, чиј атар завршува до државната гранична линија. Пожарникарите од ТППЕ Битола кои пред неколку дена се заблагодарија за донацијата на вода од битолска „Пелистерка", вчера и покрај високите температури и силниот ветер брзо и навремено успеаа да спречат пожарот да се прошири и да го зафати селото и фабриката „Пелистерка". Во гаснењето била вклучена и екипа на РЕК Битола и дел од мештаните со земјоделска механизација. Од безбедносни причини неколку часа во прекин беше сообраќајот од граничниот премин кон Битола.
Најголем предизвик останува пожарот на планината Готен, помеѓу општините Радовиш, Василево и Берово, кој беснее веќе десет дена.
„Најсериозен и најкомплексен пожар со кој се соочуваме моментално е оној на планината Готен", оцени Стојанче Ангелов.
Оган и во критиките
И додека постојано заседаваат кризните штабови на засегнатите општини со присуство на претставници на надлежни државни институции, а локалните жители се мобилизираат да помогнат, партиите наоѓаат време за меѓусебни критики. СДСМ обвини дека поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во пожари изгореле 20% од вкупната површина на шуми и пасишта, а Општина Берово во изминатите денови била оставена сама на себе.
„Само неколку пожарникари храбро се борат со огнената стихија, длабоко во планината, без никаква реална поддршка од државата. Општината беше приморана да повика на мобилизација на локалното население и да побара помош од соседните општини за да спречи огнот да дојде до населените места како Владимирово и Русиново“, обвинија од СДСМ.
МВР пак соопшти дека во вчерашната акција на планината Готен во реонот на Струмица, двата хеликоптера на МВР исфрлиле повеќе од 70 тона вода. Истиот ден, во исклучително тешки услови полициски службеници со хеликоптер на МВР спасија повредено воено лице на линијата на пожарот.
Од ВМРО-ДПМНЕ реплицираат - да се грижеа од СДСМ за состојбите за пожарите, немаше да ги остават неисправни леталата и возилата за гасење пожари.
„СДС за време на нивното владеење, додека пожарите беснееја низ државата, тераа одмори по грчките плажи, наместо да се вклучат активно во нивното гасење. СДС е партија која се води од максимата колку полошо на другите и на државата, толку подобро за нив. Дополнително на ова ако го ставиме фактот дека голем дел од пожарите се подметнати, за што постојат и докази, а постојат сомневања дека дел од нив се потпалени од лица блиски до поранешните владини коалициони партнери, СДС и ДУИ“, наведоа од владејачката партија.
Социјалдемократите се пресметаа со опонентите и преку актуелниот директор на ДЗС, Стојанче Ангелов, кој во мандатот на владата на СДСМ беше директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК)
„Би сакале да ги потсетиме во ВМРО-ДПМНЕ дека лицето за кое зборуваат дека ја уништило способноста за противпожарна заштита е во коалиција со Христијан Мицкоски, поставен како директор на Дирекцијата за заштита и спасување со зголемена плата за 30% потпишана токму од Христијан Мицкоски. На лицето Стојанче Ангелов во последните две години му изгоре површина како што вкупно во 30 години нема изгорено", пресметаа од СДСМ.
Оттаму повикаа веднаш и неодложно да бидат јавно објавени имињата на сите кои подметнувале пожари, а секое одбивање ќе го сметаат за соучесништво на ВМРО-ДПМНЕ во потпалувањето.
Дебата и мерки цела година
Граѓаните во засегнатите места не сакаат да слушаат вакви тонови во време кога стравуваат за нивните имоти.
„Секој треба да помогне колку што може, а не да критикува колку што може“, пишува еден од нив на социјалните мрежи, со голема пофалба за неуморните поѓарникари.
За екологистите кои со загриженост гледаат како зелени појаси преку ноќ се пеплосуваат, ваквите „разговори“ се крајно несоодветни.
„Дебатата и преземање мерки за справување со пожарите, како и со екстремните топлотни бранови се прави во континуитет, а не кога тоа ќе се случи", вели активистот Филип Николовски.
Потсетува дека ако екстремни горештини некогаш се случувале еднаш на 30 години, сега се редовна годишна појава и тоа повеќе пати во текот на летото.
Покрај екстремните топлотни бранови кои се последица на климатските промени, состојбата дополнително ја влошуваат т.н. топлински острови во урбани делови во градовите каде температурата на воздухот е повисока за неколку степени во однос на онаа надвор од урбаното јадро. Причините кои придонесуваат за создавање на ефектот на топлински острови се бетонизацијата - густината на висококатниците, асфалтираните улици, поплочените тротоари и паркинзи кои апсорбираат топлина од сончевото зрачење и го заграваат воздухот, а на рака им оди намалената вегетација - сечење на дрвјата и намалувањето на зелени површини во корист на градежната експанзија.
„Економска, социјална и здравствена неопходност, е навреме да се договори и широка лепеза мерки за справување со овие состојби“, вели тој.
Штетите од нив предизвикани во економијата, земјоделието, во туризмот, во загуба на животи и намалената работоспособност, се сметаат за немерливи.