Совет за безбедност: САД со вето за резолуцијата за Газа
5 јуни 2025Соединетите Американски Држави го блокираа во Советот за безбедност на ОН барањето за „итно, безусловно и трајно примирје“ меѓу Израел и исламистичката терористичка организација Хамас во Појасот Газа. Вршителот на должноста амбасадор на САД во ОН, Дороти Шеј, стави вето на резолуцијата, која, исто така, требаше да обезбеди непречен пристап за хуманитарна помош на палестинската територија. Останатите 14 членови на Советот гласаа за нацрт-резолуцијата. САД го оправдаа својот став со невообичаено силна изјава: „Ова е несериозна резолуција - срамна во време кога се поставуваат сериозни прашања за корисноста на ОН, нејзиното финансирање и користењето на ресурсите. Советот за безбедност треба да си постави повисоки стандарди“.
САД: Резолуцијата ќе ги поткопа напорите за прекин на огнот
САД јасно ставија до знаење „дека нема да поддржат никаква мерка која не го осудува Хамас и не повикува на разоружување и повлекување на Хамас од Газа“, рече Шеј пред гласањето во советот. „Оваа резолуција би ги поткопала дипломатските напори за прекин на огнот што ја одразува реалноста на теренот и ќе го охрабри Хамас“, објасни таа во врска со текстот поднесен од десетте непостојани членови на советот.
Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ги критикуваше четиринаесетте членки на Советот за безбедност кои гласаа за нацрт-резолуцијата. „Тие избраа смирување и потчинување. Тие избраа пат што не води кон мир. Само кон повеќе терор.“
Фрустрација на дипломатите од ставот на САД
Советот за безбедност на ОН се состои од 15 членови. Пет од нив се постојано застапени и имаат право на вето: САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. Телото постојано дискутира за војната во Појасот Газа и ситуацијата на Блискиот Исток - САД постојано ги блокираа со своето вето предложените резолуции за прекин на конфликтот во Газа и проширување на хуманитарната помош што ја ограничува Израел. Вашингтон се смета за изолиран во овој конфликт во Советот за безбедност. Дипломатите во Советот за безбедност повеќепати ја изразија својата фрустрација од ставот на САД во последните месеци - првенствено откако хуманитарната ситуација во Газа, поради задржувањето на помошта, неодамна се влоши. Една дипломатка од Советот за безбедност во таа прилика рече: САД и остатокот од телото „живеат во две паралелни реалности“.