Сомнеж за саботажа во РЕК Битола - МВР го истражува случајот
19 јуни 2025Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека има сомневања за саботажа во РЕК Битола, каде веќе два дена е исклучен блокот 2. Тој ги повика вработените во АД ЕСМ итно да го санираат проблемот.
„Постои основано сомнение дека е можно во раните утрински часови пред два дена да се случила саботажа во РЕК Битола. МВР го истражува случајот што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција“, изјави Мицкоски на отворањето на комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези.
Според него, важно е што навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници во Северна Македонија.
„Во РЕК Битола се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите. Двата блока се веќе во ремонт, а овој единствено работеше, бидејќи таква е потребата на пазарот во моментов - РЕК Битола да работи со еден блок“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
„Продолжуваме да го оправаме сето она кое што уништено, распаднато и девастирано го затекнавме од претходната влада“, додаде тој.
Увид и истрага
Термоблокот 2 во РЕК Битола пред два дена автоматски се исклучи од електроенергетскиот систем поради проработување на заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура, односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Од АД ЕСМ тогаш посочија дека со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагирале согласно оперативните протоколи и ја известиле криминалистичката полиција која извршила увид.
Блокот 2 е исклучен во период кога не работат ни другите два блока. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт, додека Термоблокот 3 е исклучен од мрежата поради актуелните намалени потреби за електрична енергија од страна на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
СДСМ деновиве реагираше дека се случува „распад на енергетскиот систем“ и изрази сомнеж во тврдењата за наводни саботажи во РЕК Битола. Од партијата посетија и дека РЕК Осломеј веќе десет дена не произведува електрична енергија, иако било најавено негово враќање во системот во рок од 48 часа.