Мерц не ги доби потребните гласови за нов канцелар
6 мај 2025
Иако се сметаше за сигурен, првиот обид за избор на Фридрих Мерц за нов канцелар на СР Германија во Бундестагот пропадна. Новата владина коалиција не успеа да го обезбеди потребното мнозинство од 316 гласови. Во првиот круг гласање за избор на канцелар во германскиот парламент, Фрдидрих Мерц доби 310 гласа во 630-члениот Бундестаг, шест помалку од потребното апсолутно мнозинство.
Шокантниот резултат е голем неуспех за Мерц, чија идна коалиција - составена од Христијанските демократи (ЦДУ), Христијанската социјална унија (ЦСУ) која делува само во Баварија и левоцентристичките Социјалдемократи (СПД) - има 328 места во 630-члениот Бундестаг, долниот дом на германскиот парламент.
Прв случај во историјата
Според германскиот јавен сервис АРД, ова е првпат во историјата на Германија да не биде избран канцелар кој имал обезбедено парламентарно мнозинство.
Според информациите од германскиот парламент, на утринската седница на која се гласаше за изборот на Мерц биле присутни сите 328 пратеници на новата владина коалиција.
Според германскиот Устав пратениците сега имаат рок од 14 дена да изберат канцелар со апсолутно мнозинство. Во моментов се во тек консултациите на пратеничките групи во Бундестагот и не е познато дали второто гласање ќе биде организирано денеска. Доколку пропадне и вториот обид за избор на канцелар со апсолутно мнозинство, ќе биде потребно само просто мнозинство за избор на канцелар.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер потоа ќе има седум дена формално да го назначи избраниот кандидат за канцелар, или наместо тоа да одлучи да го распушти Бундестагот и да одржи нови избори.