Собрание: Не помина интерпелацијата за Панче Тошковски
29 април 2025Во македонското Собрание не помина интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Против“ интерпелацијата гласаа 72 пратеници, 20 беа „за“, а ниту еден не гласаше воздржано. Интерпелацијата што ја поднесе Левица, а ја поддржаа СДСМ и ДУИ, се базираше на десет основи, од кои пет беа директно поврзани со трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а 197 се повредени.
Според Левица, Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Министерот Тошковски од собраниската говорница порача дека не се плаши од одговорност и дека останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Тој рече дека во однос на трагичниот настан во дискотеката во Кочани, МВР нема направено пропуст. Тој потенцираше дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.
„Не бегам, не молчам, не се кријам. Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност“, рече Тошковски во своето обраќање.