Со сателити против пожарите
21 јули 2025Во неупадлива деловна зграда во Минхен настанува нова генерација сателити. Компанијата Орора Тек во орбитата на Земјата веќе лансираше единаесет сателити со големина на куфер. За наредните години се планирани вкупно 100 вакви сателити. Сите се опремени со термокамери со висока резолуција, а нивната мисија гласи - рана детекција на шумски пожари низ целиот свет.
Постоечките сателитски системи имаат слабости
Сателити кои следат шумски пожари веќе се во употреба, како на пример Сентинел на програмата Коперник на ЕУ и ЕСА, но тие не секогаш се на вистинско место во вистинско време, вели физичарот Андреа Шпихтингер од Орора Тек и појаснува дека „официјалните мисии многу летаат напладне, а речиси и да нема сателити над некои региони попладне.“
Орора Тек сака да ги пополни таквите празнини со свои сателити, кои на секои 30 минути може да ја надлетаат и надгледуваат секоја локација на Земјата. Фирмата од Минхен дополнително ќе се потпира и на податоците од сателитите на мисијата Коперник.
Не само почести, туку и поточни податоци
Камерите на новите сателити не само што почесто продуцираат слики, туку тие се и значително поточни. За Германскиот центар за воздухопловство (ДЛР) тоа претставува вистински напредок. Во моментов максималната можна резолуција е до околу 300 метри, вели раководителката на Одделот за набљудување на планетата, Гондела Роснер. Новите сателити на Орора Тек постигнуваат резолуција помала од 100 метри, што нуди многу попрецизни информации за тоа каде настануваат пожари.
Камерите притоа детектираат температурни разлики од само три степени Целзиусови, што овозможува да се детектираат дури и релативно мали пожари, посочува инженерот на Орора Тек, Лукас Лизенхоф. „Дури и ако се работи за пожари од само неколку метри, топлината што ја создаваат е толку интензивна што може да ја детектираме. Во тестовите ги забележавме дури и ритуалните огнови што се палат на почетокот на летото“, вели Лизенхоф. И велигденските огнови биле видливи за сателитите од земјината орбита. На мапите на системот се гледаат дури и фотоволтаични системи кои рефлектираат сончева светлина.
Симулација предвидува развој на шумски пожари
Системот е способен за уште повеќе сознанија, бидејќи ги комбинира сателитските слики со моменталната брзина и насока на ветерот во една област. Ветерот игра клучна улога за тоа колку брзо и во која насока се шири еден шумски пожар. Системот зема предвид и каков вид на вегетација има на даденото место, односно каков е составот на материјалот што гори и каков е релјефот. Шумата гори побрзо на нагорнина отколку на удолница. Сите овие податоци се содржани во моделот за симулација, кој за само неколку секунди може да го предвиди ширењето на шумскиот пожар.
Симулиран пожар
За еден пожар од почетокот на јули годинава во Горишхајде, во покраината Саксонија, симулацијата покажува дека со западен ветер со брзина од 15 километри на час и без контрамерки од противпожарната служба, пламените јазици за околу шест часа би стигнале до градот Гредиц, кој има околу 6 илјади жители.
Со помош на програмата за симулации, тимот може да предвиди и какви ќе бидат ефектите од контрамерките, како на пример копање на јаз за спречување на ширењето на пожарот. Ваквите информации во иднина треба да им бидат достапни на противпожарните служби во реално време. Локалната противпожарна служба де факто успеа да го стави пожарот под контрола и без сателитските податоци, но поради претпазливост беше евакуирано мало место во близина на шумскиот пожар.
Наскоро користење на системот во Грција
Сателитскиот систем за рано предупредување наскоро ќе биде ставен во употреба во Грција. Во Германија интересот за него е сè уште скромен, што, според Андреа Шпихтингер, се должи на фактот дека противпожарните служби и сега функционираат одлично. Понатаму, повеќето региони во Германија се густо населени, така што шумските пожари вообичаено брзо се пријавуваат кај противпожарните служби, а и пожарите во земјата досега немале толку катастрофални последици како на пример во Грција.
Климатските промени го зголемуваат ризикот
Ризикот од шумски пожари во Германија е сè уште релативно низок. Извештај на Баварската покраинска служба за шуми и шумарство ЛВФ покажува дека бројот на шумски пожари во Баварија континуирано се намалувал во изминатите 20 години. Но, во сушните 2003-та, 2018-та и 2019-та година бројот бил значително поголем. Прогнозите укажуваат на тоа дека такви суши во иднина ќе се случуваат сѐ почесто поради климатските промени со што, според ЛВФ, ќе се зголеми и ризикот од шумски пожари.
Со дронови и возила контра заканата од пожари
И Михаел Штал, началник на окружната противпожарна служба во Хам, Баварија, и одговорен меѓу другото и за ретко населениот парк „Горна баварска шума“, поаѓа од зголемен ризик од пожари. За да биде подготвен за идни шумски пожари, тој одамна се потпира на модерната технологија, па така опремил мали теренски возила со резервоари за вода за да може брзо да се гаснат пожари на непристапен терен, уште пред да се разгорат. Неговата најнова идеја е во иднина шумата да ја надлетуваат и надгледуваат дронови опремени со термални камери. Тој веќе ги користи сателитските податоци од програмата Коперник, но тоа, според него, оди релативно бавно и затоа може да си претстави во иднина да го користи побрзиот сателитски систем. „Ако станува збор за друго ниво, многу радо би го разгледал системот. Сè што помага, е добредојдено“, вели Штал.
Автор на текстот: Јан Керкхоф, БР