Со подобни презимиња изградени бастиони на непотизмот
21 февруари 2025Наскоро, многу брзо, при крај е... Ова се најавите на претставници на коалицијата ВЛЕН на прашањето кога ќе биде подготвен Предлог-законот за соодветна и правична застапеност. Од ВЛЕН ја најавија подготовката на тој закон, откако Уставниот суд во октомври минатата година ја укина алатката за вработување во јавните институции позната како„балансер“.
„При крај сме. Нема сега да нагаѓаме, значи се очекува последниот состанок да се форматира предлог законот и ќе бидете известени“, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити. Претходно и претседаталот на Собранието Африм Гаши за „360 степени“ оцени дека е убеден оти законот за кратко време ќе влезе во собраниска процедура и дека ќе може да се донесе во март или април, бидејќи на тој предлог веќе одамна работат експерти кои сакаат да донесат добро и издржано решение согласно уставните начела.
Од ДУИ со незадоволство констатираат дека поминале неколку месеци без таков закон.
„До овој момент немам информации дека е испратен некаков предлог, па макар и подготвителна верзија, за да може да биде разгледан од пратениците, но и од експертите. Но граѓаните знаат дека поминаа месеци без никаков закон, напротив, имаме партизација на институциите и, за жал, со не-Албанци кои им го заземаат местата на Албанците кои им припаѓаат според Уставот“, изјави на ТВ 21 Крешник Бектеши од ДУИ.
Кој се продаде?
Од ВЛЕН и претходно посочуваа дека ДУИ нема аргументи да расправа на таа тема. Во тој контекст потсетија дека поранешниот државен секретар за култура, Валмир Азири, на конкурсот во 2021 и почетокот на 2022 година, без двоумење го променил неговиот идентитет од Албанец во Македонец, само за да си овозможи лична корист и да обезбеди работно место.
„Демократската унија за интеграција, која постојано зборува за заштита на интересите на Албанците, не се двоумеше да ја продаде секоја вредност и идентитет на Албанците кога станува збор за лични интереси. Се поставуваат важни прашања по овој скандал: Која е договорената шема што го натера Валмир Азири да направи ваков чекор? Дали неговото молчење додека беше државен секретар беше дел од агенда за деградирање и маргинализирање на Албанците во културата? (...) Коалицијата ВЛЕН е решена да се бори против секој обид за манипулација и газење на албанскиот идентитет за тесни и лични интереси. Бараме итна одговорност за овој тежок скандал и се обврзуваме да обезбедиме дека лица како Валмир Азири нема да имаат место во институциите што треба да ги штитат интересите и вредностите на Албанците“, порачаа од ВЛЕН.
Меџити: Се шегуваат со членовите
Прашање е како овој случај ќе биде третиран во Мала Речица, од каде пред една недела се пофалија дека го продолжиле реформскиот процес со проценка на ризикот од корупција и го потпишале Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ.
„Ова следува по отпочнување на процесот на ветинг од страна на пратениците од редовите на ДУИ на 13- ти февруари 2025 година, што претставува клучен чекор во сеопфатниот процес на реформи и ветинг на партијата. Предводена од претседателот на партијата Али Ахмети, оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на ДУИ за поставување на високи стандарди за политичко однесување“, соопшти ДУИ.
Сеопфатната реформска стратегија на ДУИ вклучувала не само пратеници, туку и високи партиски функционери и лидери на локалните партиски ограноци.
„Овој инклузивен пристап е креиран да го зајакне антикорупцискиот став на партијата и да промовира култура на интегритет во сите политички процеси“, најавија од ДУИ.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, вели дека вистинскиот ветинг за ДУИ ќе се случи на локалните избори.
„Ветингот го направи македонскиот народ на претходните избори, но вистинскиот ветинг ќе го почувствуваат на локалните избори. Ветинг не се прави на себе, ветинг прават другите, независните институции. Значи, тие играат со народот, се шегуваат со членовите, прават филмови", рече Меџити.
Ги „штитат“ правата со фамилијарни вработувања
ДУИ во изминатиот период го засили наративот за „нарушени или одземни права на Албанци" во одбраната, културата, но и за „напади врз идентитетот, јазикот и воспоставените права на Албанците",.
„Водачот на ДУИ, Али Ахмети нема да дозволи поради нечија туѓа цел, да им се одземат стекнатите демократски права на Албанците“, порача партијата.
Од ВЛЕН велат дека ДУИ ја користи етничката реторика само за да го прикрие нивниот криминал и непотизам.
„Ако ДУИ навистина мислеше на Албанците, за 20 години ќе им ги решеше проблемите, а немаше да создава пашалак за своите семејства сместувајќи снаи и внуци на богатите јасли на власта, додека Албанците ги оставија без работа, принудувајќи ги да заминат од земјата", наведоа од ВЛЕН.
Како илустрација на лицемерието на ДУИ, го посочија Акционерско друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, кое станало пример за вработување на роднини на функционери од ДУИ.
„Ова е срамен бастион на непотизмот, каде роднинските врски се поважни од компетенциите. Додека млади и квалификувани Албанци остануваат без работа, позициите во институциите се резервирани за синови, снаи и внуци на функционерите на ДУИ“, посочија од ВЛЕН. Наведоа имиња на вработени лица кои, според ВЛЕН, се снаи, браќа, сестри и деца на истакнати членови на ДУИ. На списокот е снаа на Артан Груби, снаа на Ејуп Халими и уште три негови роднини, сопруга на Мухарем Хасани, сестра на Бујар Османи, внук на Беким Незири и синовите на Хисни Исмаили и Назиф Буши.
Според ВЛЕН, М-НАВ е само еден од „срамните примери на фамилијарна пирамида на ДУИ, бастион каде само правилното презиме дава работно место со дебела плата“.
„Албанците не бараат ваков вид ‘еднаквост’, туку правда, еднакви можности и крај на системот што ги фаворизира само семејствата на моќниците“, порачаа од ВЛЕН.