Со копнена офанзива во Газа, Израел го зголемува притисокот
20 март 2025Израелската армија најави продолжување на нападите во Газа. „Опсежните напади“ против членовите на Хамас и инфраструктурата на терористичката организација ќе продолжат во целиот крајбрежен регион, објави вчеравечер (19.03) израелската армија. Според вооружените сили, „ограничената“ операција на северот на крајбрежната област има за цел да создаде „тампон зона“ меѓу северот и југот во тој регион.
Според палестински извори, израелските напади во Појасот Газа повторно резултирале со многу жртви. Во воздушен напад во северниот дел на затворената крајбрежна област загинаа најмалку 24 лица, соопштија медицински извори во Газа. Израелската армија во врска со тоа тврди дека авион погодил десетина терористи на Хамас.
Израелската армија два дена со големи воздушни напади напаѓа цели на Хамас и на исламистите од палестинскиот Исламски џихад. Со тоа де факто се стави крај на примирјето што беше во сила од 19 јануари. Одговорноста за тоа двете страни си ја префрлаат меѓусебно: Израел го обвинува Хамас дека одбива да ослободи заложници. Палестинската организација, пак, ја обвинува израелската влада за еднострано раскинување на примирјето.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац повика на ослободување на преостанатите заложници и протерување на Хамас од Појасот Газа. „Алтернативата е целосно уништување“, вели тој. Според израелски информации, во Појасот Газа сѐ уште се држат 24 живи заложници, како и телата на 35 киднапирани лица. Според здравствените власти контролирани од Хамас, од обновувањето на израелските напади во Појасот Газа се убиени најмалку 436 лица, меѓу кои 183 малолетници. Притоа не се прави разлика меѓу цивили и борци. Ваквите наводи не можат независно да се проверат.