Со општокорисна работа против вандализмот на малолетниците
10 февруари 2025Општините со поголеми казни за оштетување на урбана опрема и воведување општокорисна работа во којашто би се вклучиле и децата и родителите ќе се борат против вандализмот којшто е се почесто присутен кај малолетниците. По повеќето случаи кадешто во центарот на Скопје, малолетници неконтролирано се однесуваа, кршеа и предизвикуваа големи штети во парковите, обија багер и влегоа во комунален пункт во населбата Капиштец, општините сметаат дека и децата кои вандализираат, но и нивните родители мора да се соочат со одредени мерки коишто ќе стават крај на ваквото однесување.
Затоа се предлага тие во иднина, место да ги кршат парковите, да се вклучат во чистење и одржување на хигиена во општините, да фарбаат оштетени реквизити и да им помагаат на постарите лица.
Иницијатива за општокорисна работа
Општина Центар предложи законски измени за воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам, што доби поддршка од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
„Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски за ДВ. Токму затоа со мерките би биле опфатени и родителите, бидејќи семејство е најважната алка во решавање на овој проблем.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата на Северна Македонија, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави.
Камери за да се спречи дивеење
Вандализмот на малолетниците предизвикува низа инциденти со кои се нарушува безбедноста. Надлежните сметаат дека превенцијата е најважна во вакви ситуации и затоа е потребно сите овие институции да бидат присутни на терен, да се зголеми безбедноста и редовните патроли на полицијата на критичните точки во општината и во градот каде што има сериозни инциденти.
Општина Центар, исто така, прави терен заедно со МВР и за поставување камери на одредени детски игралишта и пофреквентни локации каде што навечер има вандализам.
„Стоп“ за мобилните телефони во училиштата
Неодамна беа издадени и препораки до училиштата за отстранување на мобилните телефони од образовниот процес. „Инициравме воведување на класен час секој понеделник, на кој ќе се разговара за меѓуврсничкото и сајбер насилството, другарството, што е тоа што се случувало во текот на неделата, за да го подобриме и квалитетот на образованието, но и да не дозволуваме да се случуваат несакани работи - како што се опасните предизвици на ТикТок со самоповредување на учениците и мобинг врз учениците. Целта ни е сето тоа да го стопираме“, вели Герасимовски за ДВ.
Според него, мерките веќе дале резултат. Децата повнимателно ја следат наставата, а и се забележува помала агресија во ученичките клупи, откако е на сила забраната за мобилни телефони во дел од училиштата во Општина Центар. Тој се надева дека ваквата идеја ќе ја прифатат и другите општини.
Над 155 пријави за меѓуврсничко насилство се пријавени во Министерството за внатрешни работи (МВР) во текот на 2024 година. Половина од нив се случиле во Скопје. Во 2023 во МВР биле регистрирале 102 настани на насилно однесување меѓу млади.