Мртов регрут во Украина и новата кампања на омраза на Орбан
16 јули 2025Неодамна, во Унгарија заврши кампањата против Украина и нејзините аспирации за влез во Европската Унија. Автократскиот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, и неговиот апарат ја претставуваа соседната земја како мафијашка држава полна со криминални и исклучително опасни орди, кои би ограбувале, киднапирале и убивале Унгарци.
Но, тоа очигледно не беше дното на пропагандата на Орбан. Унгарското политичко раководство ја искористи смртта на регрут од унгарско потекло во Украина на 6 јули како повод колективно да ја нападне украинската нација и да ја претвори Украина во еден вид царство на злото - иако смртта на тој човек сè уште не е разјаснета. Орбан тврди: „Унгарски државјанин е убиен во Украина“. Без докази, тој ги обвинува Украина и Европската Унија за прикривање на наводното злосторство. Во објава на Фејсбук, Орбан пишува со бели букви на црна позадина: „Вистината не може да се премолчи“.
Унгарските медиуми блиски до владата објавуваат стотици написи со исклучително емотивна содржина за смртта на регрутот. Украинскиот амбасадор во Будимпешта, Шандор Феѓир, беше поканет на разговор - во дипломатијата ова е недвосмислен знак за гневот на домаќинот. Стотици луѓе демонстрираа пред украинската амбасада, предводени од главниот пропагандист на Орбан, Жолт Бајер.
Околностите на смртта предизвикуваат гнев
Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок испрати писмо до родителите на починатиот човек, велејќи дека е „апсолутно згрозен од околностите во кои вашиот син го загуби животот“. Тој додаде: „Такво нешто“ не смее да се случи во Европа и е спротивно на „сите човечки вредности“.
Што всушност се случило? Во украинскиот регион Транскарпатија, каде што живеат околу 100.000 Унгарци, во градот Берегове кој има 23.000 жители, од кои половина се Унгарци, живеел четириесет и петгодишниот Јожеф Шебештјен. Тој бил сопственик на пансион и имал, покрај украинското, и унгарско државјанство, како и многу други Унгарци од тој дел од земјата.
Како и најголемиот број украински граѓани, и тој бил регистриран како регрут на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Во средината на јуни, бил контролиран од претставници на службата за регрутирање на улица, бил мобилизиран, прогласен за способен за воена служба и испратен на воена обука. Тој починал на 6 јули во психијатриската болница во Берегове. Тоа е факт. Толкувањата се разликуваат за сè друго и не е потврдена ниту една верзија.
Видео со нејасно потекло
На 9 јули, порталот „Мандинер“, кој е близок до владата, објави извештај во кој се тврди дека Јожеф Шебештјен бил тешко претепан со железен стап и дека починал еден ден подоцна. Извештајот се повикува на објава на Фејсбук од сестрата на Јожеф, Марта. Но, таа објава не постои или е отстранета. Марта Шебештјен не одговара на прашањата на ДВ. Уредниците на „Мандинер“ одговорија на истите прашања со текст во кој се вели дека „нема да дозволат важноста на темата да се намали“.
По првиот текст, „Мандинер“ објави и видео, на кое наводно се гледа Јожеф Шебештјен по злоставувањето. Таму може да се види како клекнува на ливада додека болничар и униформирани мажи го испрашуваат. Повреди не се препознаваат. По некое време, Шебештјен паѓа во тревата. Постојат уште две видеа од него како ползи по терен што би можел да биде воен полигон. Впечатокот е дека е разочаран и исцрпен. Но, не може да се види употреба на насилство врз него. Не е познато кој го снимил сето тоа. Сепак, снимката се прикажува на медиуми блиски до владата и на јавниот сервис МТВА како доказ за бруталноста на украинската армија.
Украинската војска негира злоставување
Во една таква емисија беше прикажано видео од болница, веројатно од одделението за интензивна нега. Потоа беше напишано објаснување дека станува збор за снимка од Шебештјен „во болницата непосредно пред неговата смрт“. ДВ утврди дека станува збор за видео кое веќе било објавено на Телеграм на 22.05.2025 година. Сопственикот на профилот на кој беше објавено, Виталиј Глагола, тврди дека станува збор за друго лице и дека унгарските медиуми го злоупотребуваат неговиот материјал. Виктор Орбан, исто така, го користел тоа видео на своите профили на социјалните мрежи.
Се покажа дека емисијата „Хирадо“ на МТВА злоупотребила друго видео од истиот канал. Но, ниту редакцијата ниту унгарското регулаторно тело за медиуми не реагираат на прашањата во врска со ова.
Украинската војска оспорува какво било злоставување на Шебештјан. Според официјалното соопштение, тој бил донесен во единицата за обука на 15 јуни 2025 година, од каде што дезертирал три дена подоцна. Според воените извештаи, на 24 јуни 2025 година, тој се јавил во болницата во Берегове, а оттаму бил префрлен во психијатриска клиника, каде што бил примен на 6 јули 2025 година. Починал од белодробна емболија „без знаци на повреди што би укажувале на насилство“.
„Тријанонската траума“ како голема тема
Украинското Министерство за надворешни работи ја обвинува Унгарија дека го злоупотребува случајот Шебештјан „на манипулативен начин за политички цели“. Виктор Орбан не само што вели дека „Украина убила Унгарец“, туку и дека „таква земја не смее да стане членка на Европската Унија“. Значи, станува збор за продолжение на кампањата против членството на Украина во Европската Унија, чиј успех, и покрај големата пропаганда, беше просечен.
Но, овој случај е различен. За многу Унгарци, статусот на Унгарците во соседните земји е исполнет со силни емоции. Режимот на Орбан ја тематизираше таканаречената „Тријанонска траума“, која беше табу со децении, и се однесува на големите загуби на унгарската територија по Првата светска војна и преостанатите милиони Унгарци надвор од границите на националната држава. Таа најде плодна почва.Во моментов, два милиони Унгарци живеат надвор од границите на Унгарија во соседните земји. Голем број луѓе во Унгарија ја покажуваат својата засегнатост поради случајот Шебештјан. Сепак, прашањето е дали тоа ќе може да го запре заморот од Орбан кој е широко распространет во земјата.