Смртоносни поплави: Шпанија трага по исчезнати и виновници
31 октомври 2024По катастрофата со најмалку 95 загинати лица во Шпанија, потрагата по смртно настраданите, исчезнати и луѓе отсечени од светот продолжи. „Поради мракот сепак многу од активностите мораа да бидат прекинати сѐ до разденување“, изјави синоќа за државната телевизија РТВЕ шефот на итната служба на шпанскиот Црвен крст Ињиго Вила. Според информации на шпанските медиуми, меѓу загинатите има најмалку четири деца и шест лица од старечки дом. Се стравува дека бројот на жртвите ќе расте. Властите не соопштија колкав е вкупниот број на исчезнати лица. Потреба од помош имаат илјадници погодени, кои се наоѓаат во своите возила, куќи или села.
Од денеска тридневна национална жалост во земјата
Особено лоша е ситуацијата во кај туристи омилениот регион Валенсија, каде беа најдени 92 од до сега потврдените 95 жртви. Тешко погодени се и други региони од Медитеранот, како Андалузија и Мурсија, како и Кастилја-Ла Манча. Централните власти во Мадрид прогласија тридневна жалост. Владата вети и брзо обезбедување помош за обнова на погодените региони.
Во текот на ноќта бројни автопати и рурални патишта останаа непроодни, а погоден беше и железничкиот сообраќај. Околу 115 илјади домаќинства останаа без струја, а имаше и проблеми со мрежата за мобилна телефонија. Околу 1.200 луѓе повеќе од 24 часа беа заглавени во своите возила. Портпарол на полициската единица „Гардија цивил“ синоќа излезе со проценка дека на автопатите А3 и А7 и натаму има околу 1.200 заробени лица во возила, камиони или автобуси.
Но, има и такви кои не сакаат да ги напуштат своите автомобили. Во Валенсија заглавени се 5 илјади возила, кои делумно се празни. Од вторникот вечер има и луѓе заглавени во возови, куќи, канцеларии, училишта и трговски центри, додека други се засолниле на покривите од куќи и автомобили. Тие беа пренесени на безбедно благодарени на ангажманот на илјадници војници, граѓани, пожарникари и полицајци, делумно и со помош на хеликоптери и бротчиња.
Што ја предизвика трагедијата?
При екстремно обилни врнежи - на некои места за само еден ден наврна дожд колку вообичаено за цела една година - сѐ повеќе реки се прелеваа од коритата. Метеоролошката служба Аемет зборува за „историско невреме“, најстрашно од ваков вид во овој век забележано во регионот на Валенсија. Безброј улици брзо се претворија во бесни порои.
Поплавени се згради и ниви, додека цели улици, куќи и помали мостови се урнаа. Дрвја, контејнери, автомобили, камиони и луѓе беа повлечени од надојдената вода како играчки. Возила се удирале едно во друго во планина од уништена ламарина. Преживеани раскажуваат за потресни искуства. 57-годишен маж за весникот „Ел Паис“ раскажува дека во Пајпорта се засолнил на градежно возила и сакал од таму да им пружа помош на други луѓе кои биле во водата. „Ја држев за рака, но струјата беше толку брутална и силна, што поплавата ја однесе“, вели очевидецот.
Дали предупредувањата беа задоцнети?
Иако сѐ уште не е утврдена целосната димензија на трагедијата, а спасувачките работи ќе траат подолго, во Шпанија веќе се води дебата за можните виновници. Во медиумите и на интернет се дискутира дали властите требале порано и подобро да го предупредат населението. Такви критики искажаа челници на градските собранија, бидејќи било познато дека временскиот феномен „Дана“ или „студена капка“ знае да биде опасен. Таа појава на почетокот на есента, кога од Атлантикот доаѓаат први навеви на влажен и студен воздух кој над Медитеранот се судира со топлиот воздух, е почеста на југот и истокот на Шпанија. Регионалната влада и експертите ги отфрлија наводите.
Такви „брутални последици“ не може да се прогнозираат затоа што зависат од различни фактори, вели угледниот метеоролог Франциско Мартин Леон за новинската агенција Европа Прес. Метеоролошката служба Аемет издаде предупредување за тешки временски услови од трето (жолта тревога), второ (портокалова тревога) и прво (црвена тревога) ниво и информираше навремено и доволно. Денеска (четврток) се очекува подобрување на времето во регионот, а предупредувањата за тешки временски услови остануваат на сила за делови од Андалузија и Екстремадура на запад и за делов од Каталонија на североистокот од земјата. Прогнозираните се умерени, а катастрофата сепак не е сосем помината, како што властите постојано предупредуваат.