Скопје одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес
26 јули 2025Скопје пред точно 62 години беше погоден од катастрофален земјотрес во кој животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, делегации од Собранието и од Градот Скопје положија цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Фејсбук напиша дека земјотресот е потсетник дека животот може да се промени за миг. Премиерот нагласува дека солидарноста и заедништвото се темел за обновата на градот и дека денес „се сеќаваме не само на болката, туку и на светлината што ја донесоа луѓето од светот“:
„Земјотресот нѐ потсети дека животот може да се промени за миг. Но и дека во најтешките моменти токму солидарноста, човечноста и заедништвото се темелот врз кој можеме повторно да го изградиме градот. Скопје е денес симбол на истрајноста и солидарноста!“, пишува меѓу другото Мицкоски.
Во Музејот на град Скопје, вечерва во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година, во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.
По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат достава на храна, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарни организации од многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.
На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на дневен ред да стави точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје, по што, на 27 септември, Генералното собрание ѝ даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје. На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската Влада при реконструкцијата на Скопје. Во дебатата, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.