Ќе се бара ли разрешување на претседателката на ДКСК?
21 јули 2025Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, не оди на работа, но ниту една институција не покренува постапка за нејзино разрешување. Засега, остануваат само повиците за нејзина лична одговорност и поднесување оставка како морален и етички чин.
Членови на ДКСК преку соопштение посочија дека Собранието е единствената институција која може да донесе одлука за разрешувањето на претседателката на комисијата, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот. Во интерес на непреченото работење на комисијата, според нив, исклучително е важно комисијата да функционира во полн состав, а Димитровска по изречените мерки од судот, изминатиот период не доаѓа на работа.
Во однос на личната одговорност, од ДКСК посочуваат дека поднесувањето оставка како етички и морален чин, сепак, е одлука и право на самата претседателка. „Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, комисијата работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од ДКСК.
Правосилна пресуда, па постапка во Собрание
Првиот човек на Собранието, Африм Гаши смета дека треба да има правосилна судска пресуда за да почне постапка во Собранието за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Гаши на брифинг со новинарите рече дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да одлучува за оваа прашање.
„Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам во пленарна седница. Но, законот е јасен. Законски услови се уште нема. Во однос на угледот, дали може некој да го води тоа тело а има покренато обвинение за него, тоа повеќе е работа на етика и углед, достоинственост на водење на таа институција“; рече Гаши.
Претседателката на ДКСК досега до Собрание нема доставено оставка. Иницијатива за разрешување на Димитровска треба да дојде од пратениците.
„Нема да правиме естрада во парламентот“
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања, во понеделникот (21.07) рече дека немаат намера да прават естрада во парламентот и дека нема да иницираат разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска.
„Што дека ВМРО-ДПМНЕ или која било политичка партија ќе поднесе. Ете, видовте, за Судскиот совет поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму, илјадници евра на грбот на граѓаните добиваат. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Пости морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи, да заврши со таа работа, а за кривична – тука се обвинителствата, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност“, рече премиерот при посетата на Тетово, одговарајќи на прашањето дали неговата партија ќе поднесе барање за разрешување, со оглед дека со таа собраниска комисија раководи владејачкото мнозинство.
По бројните повици за оставка на првата антикорупционерка, Татјана Димитровска, којашто е осомничена во случајот „Адитив“, таа во април годинава преку соопштение порача дека нема намера да даде оставка и побара да се почитува принципот на презумпција на невиност. По предлог на Обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот и го одзема и пасошот.