Се прашувам какви се линиите на нашата политика воопшто? Некако сме многу брзи во исцртувањето на тврди позиции за надвор, и монументално театрални околу позирањето врзано со нашиот „непокор“, ама никако да поставиме некаква стратегија за тоа што сакаме да видиме дома, кои реформи ни се приоритет, и кои области од нашиот општествен живот треба најбрзо да се поправат. Ја „откачивме“ ЕУ, и сега во еден здив чекаме ЕУ за возврат да не „откачи“ нас. Стоички сите здушно ги мразиме странците, лелекаме околу јазикот и името, и мантраме за нашата историска неправда. Во меѓувреме, гориме отровни депонии, фрламе ѓубре по улица, возиме како манијаци, фаќаме врски по шалтери, се тепаме пред кафеани и плукаме од прозорец на нашите автомобили – со други зборови, идентитетот не го даваме.
Затоа, мислам дека е упатно да погледнеме малку какви политички резултати треба да очекуваме во следните 6-12 месеци, вклучувајќи ги тука локалните избори, но и политичкиот амбиент кој ќе следи по нив, а секако и регионалниот контекст. Дома, во пресрет на локалните избори, мислам дека треба да очекуваме намалување на вкупниот политички ангажман на гласачите, односно намалување на поддршката за сите постојни политички елити. Кај електоратот има извесен замор од етаблираните политички флоскули, и еден вид бегство кон, условно речено, „маргинални“ политички играчи. Тоа некаде се манифестира како поддршка за анти-естаблишмент партии (тука Левица предничи), а некаде како поддршка за независни кандидати и листи. Но, во двата случаја, мислам дека е тоа симптом на заситеност од релативно статичната политичка сцена во последните две децении.
Сценарија за политичките партии
Да ги погледнеме малку сценаријата за политичките партии. Мислам дека сите етаблирани политички партии треба да очекуваат некаков пад на поддршката во апсолутни бројки. Статистички гледано, на овој сентимент најотпорни се партиите со најголема поддршка (на пример ВМРО-ДПМНЕ), а најранливи партиите со помала поддршка (на пример СДСМ и ЗНАМ). Кај партијата на власт, најавите за спектакуларен пад на рејтингот мислам дека сепак ќе се покажат како неточни. Секако, имајќи предвид дека сериозен дел од нивниот сегашен електорат се состои од „неопределени“ гласачи (гласачи директно се префрлиле од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ), власта се соочува со сеуште лојален, но никогаш незадоволен електорат, кој постојано „им дише во врат“, и е подложен на брзи промени на расположение, но не верувам дека треба да се очекува ерозија за повеќе од 10% (со други зборови од претходните 430 илјади гласачи, во моментов околу 40 теоретски би биле „под ризик“). Кај СДСМ, исто така мислам дека треба да се очекува намалување на поддршката. Сите варијабли за нив, се полоши одошто на претходните парламентарни избори, што вклучува политичка понуда, внатрешно единство, јасен политички наратив, теренска работа и слично. Оттаму, нема логика да се очекува пораст на гласовите, се додека сегашната власт не направи некаква монументална грешка. Затоа, мислам дека очекувањата за подобрување на резултатот, се сепак, избрзани и повеќе наликуваат на желби одошто анализа. ЗНАМ исто треба да очекува намалена поддршка од две главни причини: (1) во динамиката на сегашната коалиција, тие се сепак, сателит, и главниот политички ќар оди во поголемиот партнер, и (2) нивниот добар резултат на претходните избори се должеше, во голема мерка, на претседателскиот кандидат, кој сега не е фактор.
Во албанскиот блок, каде ќе се бијат и најинтересните битки, мислам дека и ДУИ и ВЛЕН ќе се мачат да го обезбедат историското ниво на поддршка. Кај ВЛЕН, кои, поради раситнување на нивната коалиција, која наместо да прерасне во една единствена политичка сила (што имаше потенцијал да направи извесен баланс кај албанскиот електорат), сега оддаваат впечаток на фрагментирана и нејасна опција, тешко ќе биде да се повтори резултатот на претходните избори. Дотолку повеќе што тие премногу ветуваа, а премалку испорачаа, чисто и како владин партнер. ДУИ исто така, не успева да создаде мотивирачки предизборен наратив. Пораките за ризик од мајоризација, па со тоа и дестабилизација, се, сепак „бајат“ наратив, кој не може да добие поддршка од меѓународната заедница, па на таа линија ризикува да ги направи „политички лепрозни“ без оглед на резултатот. Втората нивна линија – дека ќе „згазат“ на локалните, единствено има смисол како увертира во парламентарни избори и нивно враќање на „Илинденска“, но ВМРО-ДПМНЕ јасно се противи на такви изнудени избори, и на коалиција со „старото, нереформирано“ ДУИ, што ќе ја инхибира оваа приказна. Дополнително, и за нив, како и за СДСМ, сите варијабли се полоши сега, одошто пред една година, прв пат ќе трчаат локални избори без полугите на власта, од позиција на опозиција, што ќе биде специфичен предизвик. Во интерес на вистината, ДУИ можеби ќе го „сокрие“ губитокот на гласови во коалицијата со Таравари и Села, но тоа нема да го смени вистинскиот сооднос на силите, особено имајќи предвид дека ВМРО ДПМНЕ најверојатно ќе ги поддржи сите градоначалнички кандидати на ВЛЕН, што може во повеќе општини да се покаже како пресудно. Оттаму, во албанскиот блок, најверојатното сценарио е дека двата блока ќе прогласат победа на денот на изборите – ДУИ може ќе има предност кај советничките листи, а ВЛЕН може да има предност кај градоначалниците.
Линиите ни бели ни црвени - туку влечат накај црно
Тоа не води, конечно, до политичкиот амбиент после изборите. Без оглед на резултатот на изборите во албанскиот блок, погрешни се процените дека тоа води до инстант владина криза. ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од доволно политички капитал, особено во Собранието, кое нема да се смени поради локалните избори, што сеуште го има луксузот да избира албански партнер, и да свика, или не, парламентарни избори тогаш кога нему најмногу ќе му одговара. Ова единствено може да се смени доколку ВЛЕН или (1) помине плебисцитарно лошо на изборите, или (2) не успее после изборите да ги поправи грешките од минатото и продолжи со дезинтеграција. Но во секој случај, ниту еден процес нема потенцијал да создаде итна политичка криза, и Мицковски има уште доста простор за маневар.
Значи сите, помалку или повеќе, губат. Домашната политичка оптика нема да дозволи ни брза политичка катарза, ниту пак брзи реформи или квалитативен пробив. Домашен консензус нема да направиме. За ЕУ да не ни зборуваме. Оттаму, изгледа дека сите линии на македонската политика не се ни бели ни црвени, туку влечат накај црно.