Сиљановска повика за деблокада на проширувањето на ЕУ
26 јуни 2025Да се деблокира процесот на проширување на ЕУ, повика претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во вчерашното обраќање на Самитот на НАТО во Хаг.
Истакнувајќи дека речиси сите членки на ЕУ се и членки на НАТО, таа повика дека тие можат да го деблокираат процесот на проширување и да го завршат обединувањето на Европа, бидејќи европската и евроатлантската интеграција на Западен Балкан не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.
Потсетувајќи на симболиката на 26 јуни – денот на потпишувањето на Повелбата на ОН во 1945, на американската солидарност со Европа за време на Студената војна и на епизодата од распадот на Југославија во 1990 година, Сиљановска посочила на неопходноста од единство за деблокирање на македонскиот евроинтегративен процес.
По завршувањето на Самитот пред медиумите ги истакна пораките што ги испратила.
„На 26-ти се одбележуваат 80 години од Обединетите Нации. Тие беа не само антиколонијален туку и мировен проект (...) Но предупредив и дека на 26-ти почна војната во бивша Југославија во 90-тите години и дека тоа е едно предупредување за важноста на Западниот Балкан, како интегриран во Европската Унија. Се разбира повикав на деблокирање на нашиот процес, повторно со напомена или со предупредување - дека не се работи само за начелото на проширување и на политиката на проширување како важна, со која ќе се круниса ноторниот факт дека ние низ историјата сме биле не само географски, туку и историски и културно дел од Европа - туку во прашање е безбедноста на регионот, а преку безбедноста на регионот и безбедноста на Европската Унија и на Европа", изјави Сиљановска.
Не во Вавилон, туку во ЕУ
На маргините на Самитот македонската претседателка имала разговори со повеќе колеги на истата тема, но и протоколарна средба со премиерот на Бугарија, Росен Желјазков.
„Мислам дека е во прашање џентлмен, многу пристоен политичар, спремен за разговори, за дијалог, а тоа нам ни треба. Мојата основна порака е дека можеби наместо да бараме и да очекуваме посредништво - иако се разбира кога е некој претседател на Европскиот совет тој има и обврска заради статусот да овозможи разговор - ама, сами да седнеме и да видиме каде сме, каде одиме“, рече претседателката пред медиумите.
Таа повторила дека ако основните документи на ЕУ во нивните принципи и вредности ги вбројуваат почитувањето на националниот и културниот идентитет, јазичниот диверзитет и еднаквоста на државите - тоа покажува дека прашањата за модерен јазик и модерна нација е крајно проблематично, не само научно, туку и политички.
„Не постојат предмодерни нации, модерни и постмодерни нации. Сите нации настанале во втората половина на XVIII и во XIX век, вклучувајќи ја и нашата нација. Малку е невообичаено сега да барате да се избрише тоа што е внесено од известителот, господинот Вајц, ако вие сте инсистирале на реактуелизирање на нешто што е ад акта - на разговори за нација, за јазик, за историја. Тоа се прашања кои како вредности и принципи воопшто не треба да бидат на агендата, но ако некој инсистира на нивното ставање на агендата, а тоа се случи, тогаш сигурно дека и оној кој известува ќе се обиде да каже дека не се работи за специфична нација, за специфичен јазик и историја, туку за нешто што важи за сите европски нации“, рече Сиљановска.
„Имавме многу добар разговор со претседателката на Република Северна Македонија", изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков.
„Ја побарав претседателката на Северна Македонија, затоа што знаете, ставот на Бугарија е дека Република Северна Македонија треба да биде дел од Европската Унија. Имавме многу добар разговор - разговаравме за човекови права, за европски вредности, разговаравме за тоа дека јазикот на официјалните претставници на земјите треба да всадува пријателство, а не омраза. Ќе си дозволам една аналогија - целта на нашите пријатели од Северна Македонија не е да го преземат Вавилон, туку да влезат во Европската Унија, што се случува со исполнување на критериумите за членство“, изјави бугарскиот премиер.
Македонија - кредибилен партнер на НАТО
Македонија и Бугарија освен соседи се и земји партнери во НАТО, каде соработката и единството се темел на Алијансата во која членуваат 32 држави. Такво единство било промовирано и на вчерашниот самит, на кој е постигната согласност да се зголемат трошоците за одбрана на 5% од бруто домашниот производ на земјите членки на Алијансата до 2035 година, наместо досегашните 2%.
„Мислам дека самитот ќе остане запаметен по единството и по решеноста заедно да тргнеме кон мирен период", оцени Сиљановска.
„Ги изнесов нашите позиции. Истакнав дека иако сме мала држава се однесуваме како кредибилен партнер на НАТО. За разлика од многу други ние издвојувавме 2%. Потенцирав дека тоа може да биде само градуелно и дека остануваме посветени на обврската, но дека исто така мора да се внимава на финансиската моќ на државата. Повеќе би сакала, се разбира, да издвојуваме за наука и за образование, меѓутоа има моменти кога заради консензусот, заради решеноста, кога сте во едно друштво со кое делите исти принципи и вредности, мора да ги почитувате и заедничките одлуки“, посочи претседателката.
Мисајловски: Посветени на одлуката
Со новиот квантен скок за инвестирање во одбраната (5%), земјите-членки на Алијансата ќе треба да трошат 3,5% од БДП за основна одбрана (војска и оружје) и 1,5% за пошироки мерки поврзани со одбраната (сајбер безбедност, заштитата на критичната инфраструктура, адаптирање и изградба на инфраструктура соодветна за тешки воени возила).
„Македонија е посветена на оваа одлука“, објави вчера министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој заедно со претседателката, министерот за надворешни работи и началникот на Генералштабот учествуваше на Самитот во Хаг.
„Средствата ќе се зголемуваат постепено, а за нас е исклучително важно одбранбениот буџет да значи исполнување на НАТО целите на способности. НАТО е најмоќната Алијанса во историјата, а зголемените инвестиции ќе овозможат тоа да остане така и во иднина“, порача Мисајловски.
На самитот во Велс во 2014 година, членките на НАТО се согласија да се движат кон трошење на најмалку 2 отсто од нивниот БДП за одбрана во рок од една деценија. Македонија со расходи за одбрана од 2,22% од БДП е на 11-то место меѓу членките на Алијансата до лани ја исполнија таа цел. На врвот на листата со најголеми расходи за одбрана се Полска, Естонија и САД, а на дното десетина членки кои до лани се уште издвојувале помалку од 2%.
Во Македонија е особено видлив растот на трошоците за опрема и модернизација. За споредба, ако во 2014 година издвојувањата за нова опрема биле меѓу 6 и 7%, во 2023 година тие изнесувале 34,2%.