Сиљановска изрази благодарност на лекарите во „Пирогов“
4 април 2025Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова вчера ја посетила Универзитетската болница „Пирогов“ во Софија, каде што се лекуваат македонските граѓани повредени во трагичниот пожар во Кочани. Во разговорот со министерот за здравство, д-р Силви Кирилов, со заменик-директорот на болницата, д-р Николај Габровски и со раководителката на Одделот за изгореници и пластична хирургија, д-р Маја Аргирова, Сиљановска била информирана дека здравствената состојба на осумтемина македонски пациенти е стабилна, дека се наоѓаат под постојан надзор од страна на врвни лекари и дека процесот на закрепнување бележи напредок.
„Во присуство на лекар Македонец, ми беше овозможен подолг разговор со најблиските роднини на македонските пациенти. Тие најпофално се изразија за болничкиот персонал и манифестираа радост за видно подобрената состојба на нивните најмили. Се сретнав и со дел од бугарските медицински тимови коишто директно учествуваа во укажувањето на итна медицинска помош и им изразив особена благодарност за нивната пожртвуваност, човечност и професионалност. Нивната благородна мисија е вистинско олицетворение на медицинската етика, солидарноста и хуманоста, вредности коишто ќе останат темел на заемна почит и искрено пријателство меѓу двата блиски народа, бугарскиот и македонскиот", објави претседателката на нејзиниот фејсбук-профил.
Средба со Радев
Софискиот специјализиран комплекс за изгореници и пластична хирургија при Универзитетската болница „Николај Иванович Пирогов“, е основан во 1961 година како Одделение за изгореници, а една година подоцна бил формиран и посебен сектор за третман на деца со изгореници. Во 1964 година, одделот прераснал во Републички центар и до денес ја има улогата на Национален центар за третман на изгореници и последиците од нив. Со оглед дека во Македонија речиси десет години нема центар за изгореници, оној во „Пирогов“, и во солунската болница „Папаниколау“, се првите две адреси на кои се упатуваат пациенти од Македонија со тешки термички трауми.
Посетата на „Пирогов" не е единствената причина за посетата на претседателката Сиљановска на Софија. Таа од вчера престојува во работна посета на Бугарија, каде денеска ќе учествува на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процесот Балкан III“, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев и кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори, а ќе говори на првата сесија насловена „Идентификување и разбирање на заканите“.
За време на посетата, предвидени се и билатерални средби на претседателката Сиљановска-Давкова со кралот Абдула Втори и со бугарскиот претседател, Румен Радев.
Хуманитарен натпревар
Македонските власти во повеќе пати наврати искажаа благодарност до сите земји кои помогнаа во транспортот и лекувањето на повредните во пожарот во кочанската нелегална дискотека. Меѓу нив е и Бугарија, од каде истиот ден беше испратен воен авион и повеќе амбуланти возила за транспорт на тешко повредените.
Покрај институционално понудената здравствена помош од Софија, граѓаните организираа и крводарителска акција, а бугарскиот пратеник Манол Пејков преку неговата фондација собра околу 40.000 евра за помош на семејствата на загинатите и повредените. Во објава на Фејсбук, тој даде детален отчет како и кому ќе му се распределат собраните средства, од кои дел се наменати како поддршка за оние на кои ќе им биде потребен подолг здравствен третман.
Покрај ова, на стадионот „Спартак“ во Варна, фудбалери ветерани од Бугарија и Македонија на 27-ми април ќе одиграат хуманитарен натпревар за помош на настраданите. Натпреварот го организираат Општина Варна и бугарската фондација „Национали 94“ (наречени и „Ѕвездите 94") во која се фудбалските легенди што завршија како четврти на Светското првенство во 1994 во САД.
Учеството на натпреварот го потврдиле Христо Стоичков, Борислав Михајлов, Емил Кременлиев, Златко Јанков, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров, Пламен Николов, Бончо Генчев, Ивајло Јорданов, Илијан Кирјаков, Петар Михтарски, Петар Александриков, Георги Георгиев, Красимир Балаков и Ивајло Андонов и уште десетина поранешни бугарски репрезентативци. Бугарските медиуми нотираат дека тимот од Македонија ќе биде предводен од една од најголемите ѕвезди во фудбалот, Горан Пандев.