Сиљановска Давкова очекува деблокада на патот кон ЕУ
11 февруари 2025Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека има исчекор и гледа можност за деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес, кој не зависи само од Македонија.
„Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара“, вели претседателката.
„Креативни предлози“
Според нејзините сознанија - има исчекор. „Ново е што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и има ’креативни предлози’, во смисла дека би можел да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“, изјави претседателката во изјава за новинарите, по настанот „Глобален женски појадок 2025“ што го организираше Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, по повод Меѓународниот ден на девојките и жените во науката.
Според Сиљановска-Давкова, процесот не зависи само од земјата која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство, вели таа.
Претседателката потсети дека неодамна во Аушвиц се сретнала со претседателот на Бугарија, Румен Радев. „Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање, Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија“, вели таа.
„Ново и инспиративно“
Она што е ново и инспиративно, според неа, е што групата за пријатели на Западен Балкан е активна. „Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничката меѓунардона и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, добра волја и манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознаам механизми како ветото и сличните закани“, рече Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање во врска со објавата на Еурактив, дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од преговарачката рамка.
Премиерот Христијан Мицкоски не се откажува од барањето за уставни измени со одложено дејство. Тој деновиве рече дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето.
„Очекувам дека во следниот период ќе има средби со бугарската влада на различни нивоа и тоа не треба да нѐ чуди. Ниту ние ќе исчезнеме ниту тие ќе исчезнат, ние сепак ќе бидеме соседи. Треба да изградиме добрососедски односи, но тоа не значи дека се согласуваме за некои теми“, порача Мицкоски.