Германска помош за повредените од Кочани
8 август 2025Покраинската влада на Северна Рајна-Вестфалија испрати специјализирани медицински средства за помош на жртвите од трагедијата во Кочани. Помошта, која содржи компресивни текстили, терапевтски креми и силиконски фластери за третман на лузни, пристигна во Македонија, соопшти министерот за Европа на Северна Рајна Вестфалија Натанаел Лимински.
„Несреќата во нашата партнерска земја Северна Македонија нè потресе. Млади луѓе, кои како и многу други сакаа безгрижно да се забавуваат во сабота навечер, беа тешко повредени или дури го загубија животот. Траумата и процесот на заздравување се голем товар. Затоа се информиравме како најдобро можеме да помогнеме од Северна Рајна-Вестфалија во оваа тешка состојба. Сега ги испраќаме токму оние специјални материјали што недостигаат на лице место. Се надеваме дека погодените преку оваа медицинска помош ќе можат да најдат сила и храброст за иднината“, изјави министерот Лимински.
Средствата се обезбедени преку здружението Project Hope e.V., со финансиска поддршка од покраинската влада. Организацијата со години соработува со македонски и германски клиники за подобрување на здравствената грижа, особено за деца и мајки. Преку „Project Hope e.V." покраинската влада неодамна овозможи и набавка на ултразвучен апарат за бебиња за клиниката во Битола.
Лимински нагласи дека оваа акција покажува дека партнерството меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија не е само на ниво на влади, туку и преку активна поддршка од здруженија и граѓанското општество.