Македонија се надева на корекција за царините од САД
7 април 2025ПремиеротХристијан Мицкоски очекува корекција на одлуката на САД, со која минатата недела беа воведени царини од 33% за Северна Македонија. „Најверојатно е направена грешка. Работиме со нашите партнери, очекувам да се коригира тоа“, изјави Мицкоски на прес-конференција.
Деновиве тој најави дека очекува „убави вести за македонските граѓани и економијата“. Одговарајќи на новинарско прашање, во понеделникот (07.04) Мицкоски рече дека добрата вест уште не пристигнала, но образложи зошто се надева на корекции во однос на одлуката за воведување на американски царини.
Грешка или погрешна информација
„Работиме со нашите партнери - САД, очекувам многу скоро да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговска размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит“, вели Мицкоски. Според него, тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките.
„Сега се споредуваат податоците, во контакт сме со амбасадата, со Министерството за економија и со кабинетот на Трамп, така што во периодот што следи очекувам да се излезе од оваа состојба“, вели Мицкоски. Тој смета дека од зголемените царини, можеби поголеми ќе бидат секундарните ефекти, а не директните коишто Македонија ги има на билатерално ниво со САД.
„Доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат сето ова со САД, тогаш ефектите би биле поголеми отколку сегашните примарни ефекти“, вели Мицкоски. Тој пред новинарите не изнесе детали за разговорите коишто се во тек со американската администрација. Вели дека „процесот е сензитивен“, поради што не сака да открива детали, додека не завршат разговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 33% за Северна Македонија, како и царини од 20 отсто на земјите од ЕУ и 34 отсто на Кина. На Балканот, најголема царинска стапка ќе има Србија – 37 отсто, по што следува БиХ со 35 отсто, додека Албанија и Косово ќе имаат по 10 отсто. Новите царински стапки треба да стапат наскоро на сила.
Ставот на македонската Влада е дека одлуката на САД за царинските трошоци, нема да има голем импакт врз домашната економија, но сепак најавија дека имаат подготвен план за надминување на ситуацијата. Економските експерти укажуваат дека директните ефекти ќе бидат минимални, и покрај релативно високата царинска стапка од 33% за Македонија, затоа што само околу 1% од македонскиот извоз оди во Америка.