Дали Фросина била прегазена со умисла или од небрежност?
3 февруари 2025Јавното обвинителство истражува дали 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје била прегазена со умисла или од небрежност. „Јавниот обвинител ќе испита дали може да се работи евентуално и за умисла со оглед дека истиот доколку бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола, возел со многу, многу поголема брзина од дозволената и поминал на црвено светло. Ќе видиме во текот на постапката дали има место за тоа дали кривичното дело го сторил со умисла“, изјави Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „DailyClick“ на ТВ21. Според него, повеќето кривични дела во сообраќајот се извршуваат од небрежност.
Тој е дециден дека Обвинителството ќе постапи професионално во случајот на загинатата студентка од Неготино.
„Се работи за изгубен млад живот кој не може да се надомести со никаква казна. Јавното обвинителство ќе постапи согласно законските одредби, ќе биде транспарентно во оваа постапка, ќе знаат граѓаните како ќе се одвива и во која насока ќе одат доказите“, вели Коцевски.
Во меѓувреме и Судскиот совет на Северна Македонија најави дека будно ги следи случувањата околу случајот со 20-годишниот возач од Скопје кој под дејство на алкохол со голема брзина ја прегази 22 годишната девојка. Ќе се разгледуваат сите случаи каде има сомневања за пропусти од страна на судии за изречени пресуди, а казнената политика на судовите треба да биде предмет на сеопфатна анализа, најави тој. Но, засега е неизвесно дали ќе отворат постапка за проверка на постапувањето на надлежната судијка којашто го водела предметот за младиот возач Васил Јованов, којашто за две кривични дела му изрекла само воспитна мерка.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, не сака да коментира додека не го види целиот предмет. „Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува со вакви состојби да ни се случуваат“, вели тој.
Кој е виновен?
Според Коцевски, граѓаните делумно се во право кога велат дека системот е виновен.
„Дел сте во право затоа што и дел од законските одредби се такви што само Јавното обвинителство, па и судот може да применат закон таков каков што постои. Со измените на Кривичниот законик се воведе и ново кривично дело, безобѕирно возење, меѓутоа не се избриша одредбата од прекршочната постапка, каде што исто така дел од дејствијата што се во тоа кривично дело, се опфатени и во Законот за прекршоци. Во случај на пречекорување на брзината на возење, полицијата може да поднесе прекршочна постапка и таа оди директно во судот, што значи дека елементите на кривичното дело се опфатени и во ова, и тука треба праксата да се уедначи“, додава Коцевски.
На масовни собири граѓаните побараа повисоки казни и одговорност за случајот, порачувајќи дека смртта на Фросина Кулакова од Неготино е „убиство поради неказнивоста на судството“. Тие на списокот на виновници за несреќата ги ставија судиите и обвинителите, коишто дозволиле 20-годишникот од Скопје, кој имал долга листа на прекршоци во минатото, да помине со поблаги воспитни и казнени мерки.
Станува збор за случај којшто ја потресе јавноста и предизвика огромно незадовоолство. Но, според Камбовски, во вакви чувствителни моменти не треба да се носат избрзани одлуки или да се изведуваат заклучоци. „Не е добро да се прават брзи промени во законот“, вели Камбовски, по барањата на јавноста да се предвидат повисоки затворски казни за вакви дела.
Филков ја разреши судијката од работката крупа за КЗ
Во меѓувреме, министерот за правда, Игор Филков ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска од работната група во Министерството за правда, којашто работи на измените на Кривичниот законик. Ваквиот потег, според него, е со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за реформите во правосудството.
„Крајно време е надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки, со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност“, вели тој. .
Порачувајќи дека нема да дозволи неказнивост или недопирливост, тој упати апел до судовите и Судскиот совет да преземат дејства со кои ќе се преиспита целиот случај со загинувањето на Фросина.
Дали треба да се смени казнената политика?
Камбовски смета дека казните за вакви дела не се прениски, туку треба да се анализира праксата на судовите - дали често досудуваат минимални казни или не.
„Тоа е веќе казнена политика на судовите, која секако трпи промени. Казната која ја предвидел законодавецот е најмалку 4 години и може да оди до максимумот којшто законот го предвидел, а тоа е 20 години. Така што не е баш блага казна. Во однос на тоа за кои казни судовите се определуваат, ни недостасува анализа, за да видиме дали вистина секогаш се оди со поблаги казни“, вели Камбовски.
Сепак, вели тој, ако се мисли дека ова со драконски казни ќе се реши – ова нема да се реши. „Ние имаме подлабок, поголем проблем. Не е ова проблем само на благи казни, не е ова проблем само на постапување на судовите, ова е проблем на целово општество. Треба сите ние да размислиме што може да направиме, ова да не се повторува“, додава претседателот на Судски совет. Во однос на прашањето дали има тргување со влијание и корупција во судството, Камбовски е дециден дека „судијата не е над другите луѓе или не е над законот“. „Тој е граѓанин како ние што сме. Доколку згрешил треба по законот да одговара“, порача Камбовски, на настан на којшто се зборуваше за патеките до интегритет и независност на правосудството.
Претседателката на Академија за судии и обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски, во однос на дилемата дали со заострени казни во законот ќе се подобрат состојбите и дали на тој начин ќе се избегне самоволието на судиите, вели дека пожелни би биле построги казни за сторителите и оти е подготвен нов Кривичен законик, кој до крајот на годината треба да биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа да почне постапка за негово донесување.
Партиите бараат законски измени за поголема безбедност
Пратеничките групи на ВМРО - ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ до Собранието поднесоа барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, објави на Фејбук координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
„Очекуваме поддршка од сите пратеници во Собранието и да ги надминеме системските проблемите со кои се соочуваме изминатите години“, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. На барањето што е поднесено до собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, потпишани се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Мерита Колчи Кочаџику од „Вреди“.
Најавата за одржување јавна расправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот следи по сообраќајна несреќа којашто се случи на 29 јануари на булеварот „Партизански одреди“, при што загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. По несреќата се одржаа протести во Скопје, Кавадарци и Неготино.