Сѐ повеќе граници низ Европа: Дали се гледа крајот на Шенген
8 јули 2025Кога Полска воведе гранични проверки со Германија и Литванија оваа недела, тоа не беше првпат некоја земја од Шенген-зоната да преземе ваков чекор. Ваквите мерки обично се оправдуваат како неопходни за спречување на нерегуларната миграција, борба против трговијата со луѓе или заштита на националната безбедност. Но за многу аналитичари, ова можеби е еден од најјасните знаци досега дека европската зона без внатрешни граници, симбол на интеграцијата и заедничкиот идентитет, се наоѓа под сè поголем притисок.
Според полскиот премиер Доналд Туск, контролите се привремени и насочени кон спречување на трговијата со луѓе и нерегуларната миграција. Сепак, ваквиот потег доаѓа само неколку недели откако и самата Германија ги зајакна проверките долж сите нејзини копнени граници, вклучително и со Полска, под водство на новата конзервативна влада на канцеларот Фридрих Мерц. За многумина во Брисел, овие мерки соодветно одразуваат подлабока промена, од европска солидарност кон национален, интерес.
Што претставува Шенген?
Создадена во 1990-тите, Шенген-зоната овозможува патување без граници меѓу 29 европски земји, најголемиот дел од ЕУ, како и некои држави што не се членки, како Норвешка и Швајцарија. Таа го олеснува слободното движење на над 450 милиони луѓе и претставува основа на единствениот пазар преку елиминација на внатрешните гранични проверки за стоки, услуги и работна сила. За деловниот свет, патниците и секојдневните работници, Шенген е едно од најпрактичните достигнувања на ЕУ.
Во изјава за ДВ, професорката Бирте Ниенабер од Универзитетот во Луксембург нагласува дека Европа е сведок на полека, но сигурна ерозија на слободното движење, со воведувањето на една по една граница.
Домино ефект веќе во тек
Истражувачот за миграција Давиде Коломби од Центарот за европски политички студии (CEPS) во Брисел се согласува дека последниот спор меѓу Полска и Германија се вклопува во поширок европски тренд.
Франција одржува гранични проверки уште од терористичките напади во 2015 година. Австрија воведе контроли на границите со Словенија и Унгарија во септември истата година, на врвот на бегалската криза, и оттогаш ги продолжува секои шест месеци, повикувајќи се на миграциски и безбедносни ризици.
Словенија воведе проверки со Хрватска помалку од една година откако оваа земја влезе во Шенген, наведувајќи зголемена миграција и загриженост од организиран криминал. Германија, која долго време се спротивставуваше на заострување на внатрешните граници, почна да ги проширува во есента 2024, а Европската комисија сè уште формално не реагирала. Според европското право, ваквите проверки се дозволени само во исклучителни околности и мора да бидат привремени.
„Овие гранични контроли се чисто политички симболизам, без реален ефект врз спречување на миграцијата“, вели професорката Ниенабер. Таа нагласува дека со растот на радикалната десница во Европа, популистичките наративи добиваат поддршка низ целиот политички спектар. Центристичките лидери се под притисок да покажат „цврстина“ во однос на миграцијата, а граничните проверки се видлива мерка што е популарна кај јавноста.
Симболика наместо суштина
Но колку се навистина ефикасни овие мерки? Официјалните податоци фрлаат сомнеж врз релевантноста на внатрешните гранични контроли. Германската полиција извести дека во првиот месец од засилените контроли оваа пролет, биле вратени само 160 баратели на азил. Полските медиуми јавуваат дека Германија вратила околу 1.000 мигранти во Полска меѓу мај и средината на јуни, бројка која не отстапува значително од претходните години.
„Шверцерите и оние што се обидуваат да влезат нерегуларно точно знаат како да ги избегнат официјалните проверки“, вели Ниенабер. „Контролите не ги спречуваат. Тие само создаваат илузија на контрола.“
Истражувачот Коломби се согласува дека овие политики повеќе се насочени кон визуелна порака отколку кон реални резултати. Тој посочува дека државите членки сè уште не успеале да докажат потреба од овие контроли за спречување на миграцијата или терористички напади.
Економски последици
Во меѓувреме, граничните заедници, особено во региони како Луксембург, Австрија и Полска, веќе чувствуваат негативни последици: подолги чекања, нарушени синџири на снабдување и зголемен економски притисок врз локалниот бизнис. Студија на Европскиот парламент проценува дека повторното воведување на внатрешните гранични проверки резултира со значителни загуби во време, од 10–20 минути за автомобили и 30–60 минути за тешки возила, и ја чини транспортната индустрија околу 320 милиони евра годишно, само поради доцнења.
Штетата, според тоа, не е занемарлива. Шенген влијае на слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, четирите столба на единствениот пазар на ЕУ. Цените може да пораснат, синџирите на снабдување да се забават, а работните места и бизнисите што зависат од прекуграничната соработка, да се загубат.
Бугарската асоцијација за логистика неодамна процени дека доцнењата на границите ја чинеле оваа индустрија околу 300 милиони евра годишно. Откако Романија и Бугарија се приклучија на Шенген оваа година, прекуграничниот сообраќај значително се зголеми. Во првите три месеци од 2025 година, сообраќајот меѓу двете земји порасна за 25%, со над 160.000 возила во споредба со 128.000 во истиот период минатата година. Просечното време на чекање се намали од над 10 часа на помалку од два. За превозниците и градовите што зависат од брза трговија, ова значеше побрзи испораки и економско оживување. Враќање на „тврди“ граници, предупредуваат експертите, може да го поништи овој напредок.
Правилата на Шенген- тивко заобиколени?
Според правото на ЕУ, внатрешните гранични контроли се дозволени само во исклучителни случаи, мора да бидат ограничени на шест месеци и секое продолжување мора да биде јасно оправдано. Но, неколку земји членки ги продолжуваат со години. Франција има контроли речиси непрекинато скоро една деценија. Австрија, Данска, Шведска и сега Германија, исто така, функционираат под долгорочни исклучоци.
„Гледаме дека овие гранични проверки стануваат трајни во некои земји. Тоа никогаш не беше целта на Шенгенскиот договор“, вели Коломби.
Тој објаснува дека Европската комисија е критикувана за неказнување на ваквите прекршувања, на пример, преку покренување на постапки за прекршување на договорот. Ова може да отвори врата и за други земји — и да предизвика домино ефект.
Ревизија на Шенген — или негово напуштање?
ЕУ и нејзините лидери се свесни за ризиците. Доколку внатрешните гранични контроли станат трајни, целата Шенген-зона може да се распадне.
Тоа би значело не само нарушување на слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, клучни елементи на единствениот пазар, туку и правно поткопување на европските договори, зголемени трошоци за бизнисите, забавување на снабдувањето, па дури и губење доверба кај граѓаните во европскиот проект.
Комисијата работи на ажурирање на Шенгенскиот граничен кодекс и воведување на две дигитални алатки: Системот за влез/излез (ESS) и ETIAS- платформа за претходна проверка на безвизно патување. И двата се наменети за подобро следење на државјани од трети земји и намалување на потребата од внатрешни контроли.
Комисијата тврди дека овие реформи се еволуција, а не распад на Шенген. Но Коломби предупредува дека за Шенген да преживее, ќе биде потребно нешто повеќе од правни измени и дигитални алатки.
„Потребна ни е политичка храброст, обнова на довербата меѓу земјите членки и цврсто спроведување од страна на Европската комисија“, вели тој. Пред сè, темата за миграцијата треба да се деполитизира и дебатата да се оддалечи од неефикасни мерки како граничните контроли.
И двајцата експерти се скептични дека тоа ќе се случи наскоро. Со подемот на радикалната десница во многу држави, притисокот за нагласување на националниот суверенитет само ќе се зголемува, објаснува Ниенабер. Таа предупредува дека ако владите продолжат да ги користат внатрешните гранични контроли како политичко оружје, а не како последна мерка за безбедност, Шенген-зоната може да се распадне.
Која ќе биде цената?
Ако Шенген се распадне, економската штета може да биде сериозна. Повторното воведување на гранични проверки би го забавило протокот на стоки, би ги нарушило синџирите на снабдување и би ги зголемило трошоците за транспорт, особено во секторите како земјоделството, трговијата и индустријата. Прекуграничните работници би се соочиле со подолги патувања, а малите бизниси во граничните региони, со загуба на муштерии. За обичните граѓани, тоа би значело подолги редици, поскапи производи и намален пристап до услуги и пазари на трудот.
Но, симболичката загуба може да биде уште поголема, вели Коломби: „Шенген е еден од највидливите симболи на заедничкиот европски идентитет и едно од најголемите достигнувања на ЕУ“. Доколку пропадне, граѓаните би го изгубиле и најопипливиот начин на доживување на ЕУ како транснационален проект.
За да се спречи тоа, експертите повикуваат ЕУ и државите членки повторно да се посветат на основната идеја зад Шенген: дека Европејците треба да можат слободно да се движат, без страв, одложувања или политичко лицемерие, низ нивниот заеднички континент.