Сѐ поголем број депортации од Германија
4 септември 2025Мерт Саим често е на аеродромите низ Северна Рајна-Вестфалија, особено во главниот град на покраината, Дизелдорф. Само од таму во 2024 година повеќе од 2.800 лица се депортирани по воздушен пат. Се работи за луѓе чии барања за азил се одбиени, или кои од други причини немалеперспектива да останат.
Повеќе од 20 илјади лица се депортирани во 2024
Саим работи за црквата како референт за бегалци, миграција и интеграција. Неговата задача е да ги набљудува депортации на лице место и да документира евентуално неадекватно постапување со засегнатите лица. Бројот на депортирани му е многу добро познат - од нешто помалку од 13 илјади во 2022 е зголемен на над 20 илјади во 2024. Бројкот продолжува да расте и годинава. Според Сојузното министерство за внатрешни работи, 12 илјади лица веќе се депортирани во првата половина од годината. Затоа, за Саим ќе се отвори уште повеќе работа кога лица против нивна волја, по правна процедура, ќе бидат принудени да ја напуштат Германија. Овие впечатоци редовно се документираат и објавуваат.
Само што излезени од операција и веќе депортирани
При претставувањето на годишниот извештај на Канцеларијата за следење на депортации, Саим наведува пример. „Меѓу другото, забележавме депортација на дете по неодамнешна операција на срце. И тоа без да биде спроведена медицински неопходната постоперативна контрола, иако веќе беше закажана“, раскажува Саим, кој во такви случаи бара поголема чувствителност и флексибилност од властите. Во годишниот извештај има општи препораки. „При депортирање на болни лица, мора во конкретниот случај да се испита дали засегнатото лице има пристап до потребната медицинска нега во земјата во која ќе биде депортирано. Притоа мора да се земе в предвид дали третманот е достапен и може да се финансира конкретно од страна на погоденото лице“, стои во извештајот. Доколку постојат значителни здравствени ризици, депортацијата мора да се суспендира.
Сојузната полиција: „Нема враќање по секоја цена“
Но, тоа ретко се случува и е поверојатно е од други причини, како на пример тоа што се случува пилотите да одбијат да летаат, ако лицето што треба да се депортира се однесува агресивно. Безбедноста на сите патници во авионот има приоритет. Тоа е и ставот на сојузната полиција, со која одамна соработува независната служба за следење на депортациите во Северна Рајна-Вестфалија. „Нема враќање по секоја цена“, нагласува главната инспекторка Андреа Хофмајстер од прес-службата на Сојузната полициска управа во Занкт Аугустин. Сите колеги вклучени во депортации се обучени, делумно во форма на специјализирано дошколување. А, на аеродромите има посебни простории за семејства и деца.
Апел за поголема транспарентност
Надгледувачот на депортации Мерт Саим само делумно може да ги потврди ваквите мерки за емоционално смирување на луѓето што треба да ја напуштат земјата бидејќи тој има право да гледа само додека депортираните дојдат до ходникот пред авионот, што според него не е доволно. „Мониторингот на мерките за депортација мора да се прошири и структурно да се зајакне“, вели Саим кој апелира на поголема транспарентност и бара тоа да биде регулирано со закон на сојузно и покраинско ниво. Притоа треба да се регулира и мониторинг на целиот процес на депортација, „поточно, собирањето на луѓето од нивното место на живеење, како и за време на летот“. Тоа веќе е задолжително во директива на ЕУ од 2008 година, посочува Саим.
Министерот Добринт со построг курс
Германија пак, ја игнорира директивата и заедно со други земји се залага за натамошно заострување. Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт од ЦСУ во јули годинава ги покани колегите од Австрија, Данска, Франција, Чешка и Полска на координации. „Ефективните депортации се суштински предуслов за доверба во избалансирана европска миграциска политика“, се вели во заедничката декларација. Отецот Рафаел Никодим, кој е дел од дијаконијата задолжена за следење на депортациите, си посакува доверба во поинаква смисла. „Транспарентност во оваа заштитена област е корисна за сите институции вклучени во процесот на депортација. Важно е владини и невладини организации заеднички да следат што е оправдано од хуманитарна перспектива“, вели отецот.
Црковен азил наместо депортација
Никодим ги чувствува ефектите од зголемениот политички притисок и социјално поларизираната дебата за миграцијата дури и на местото каде што луѓето на кои им се заканува депортација, често наоѓаат последно засолниште - во црквата. Во 2024 година во Северна Рајна-Вестфалија имало 329 нови случаи на црковен азил, вели Никодим. „Во претходните години немаше толку многу случаи“, вели тој.