Осуда: Спортот треба да обединува - не да разделува
6 август 2025По скандирањата на кошаркарски натпревар во Куманово, нов инцидент на фудбалски терен на натпреварот меѓу ФК Шкендија и Карабах кој се одигра на 5 август, предизвика осуда и реакции. Хелсиншкиот комитет најостро го осуди националистичкото и политизирано скандирање, порачувајќи дека спортот треба да обединува, а не да разделува. Тие побараа итна реакција на МВР, од каде што информираа дека најстрого ќе го санкционираат говорот на омраза.
Националистички повици кои поттикнуваат омраза
Хелсиншкиот комитет укажува дека повиците за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“ не се во спортски дух – тие поттикнуваат омраза и поделби. Според нив, „особено загрижува фактот што сè се случуваше пред очите на високи државни функционери, без никаква реакција“.
„Говорот на омраза не смее да се игнорира. Бараме од МВР и надлежните институции итно и неселективно да го применат законот“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Скандирањата се случија за време на фудбалскиот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, неколку дена по кошаркарскиот натпревар во Куманово.
И покрај апелите на јавноста и институциите во Македонија за фер и спортско навивање, од трибините повторно се слушнаа пораки кои придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија.
МВР најавува најстроги санкции
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или која било друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
Порачуваат дека полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на какви било нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза.
Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор. Едно лице е приведено и против него ќе следи соодветен поднесок. Во тек е истрага и за инцидентите на фудбалскиот натпревар кој се одржа на арената Тодор Проески во Скопје.