СДСМ поднесе 160 амандмани за ребалансот на буџетот
2 јули 2025СДСМ поднесе 160 амандмани за ребалансот на буџетот, кој што сметаат дека е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента. Партијата бара поддршка „за да се исправат неправдите кои ги планира власта“, односно повеќе пари за народот и поддршка за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.
„Предложениот ребаланс на Буџетот место да понуди подобрување на состојбите во економијата, е доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владатапредводена од ВМРО-ДПМНЕ. Овој ребаланс ја разоткрива вистината – дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации“, порача на прес-конференција Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.
Според неа, со ребалансот нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани, ниту пак за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и за намалување на цените.
„Граѓаните се оставени сами на себе“, вели Лукаревска.
Што предлага СДСМ?
Опозициската партија предлага:
- 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
- 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема во болницата во Кочани.
- апарати за здравството и брзата помош
- зголемување на студентски стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства.
- бесплатен превоз за ученици во руралните средини
-10% зголемување на платите на наставници во основно и средно образование
- пари за колекторски систем во Дојран, Дом за стари лица во Штип, откупен центар за земјоделски производи во Охрид, Жичарница на Пелистер, поликлиника во Кисела Вода, градинка во Крњево.
- повеќе пари за реконструкција на училишта, градинки, патишта, канализации, водоводи низ различни општини во државата, за Сојузот на борци од НОБ
Партијата ги повика сите пратеници во Собранието, без разлика на политичка припадност, да учествуваат во расправата, да ги разгледаат амандманите на СДСМ и да ги поддржат.
Дебата за ребалансот
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет почна дебатата по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, за кој се поднесени над 200 амандмани.
Приходната страна е позиционирана на 6,56 милијарди евра, а вкупните приходи - 5,92 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе остане на истото ниво од 4% од БДП или 672 милиони евра. Планот на власта е преку инвестиции во крупните проекти, пред сѐ во делот на инфраструктурата, да продолжи динамиката на развој на економијата. Средствата за капитални инвестиции се зголемуваат за речиси 5% и ќе достигнат 772 милиони евра.
Од СДСМ велат дека со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра, што е директен удар врз земјоделците, врз работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените. Исто така, за Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра, што според партијата, значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува. „Ако вака се продолжи идните пензии се доведуваат во прашање“, велат од опозициската партија.
„Во ребалансот ги нема 7 милијади евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата, не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати? Колкава камата ќе обезбеди Владата, дали ќе успее да најде пари со камата од 3 посто или 5 е голема разлика“, прашуваат од партијата.
Но, според заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, предложените измени и дополнувања на буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобрено управување со јавните финансии. Тој побара поддршка за предложениот ребаланс од пратениците истакнувајќи дека со него ќе се обезбеди поефикасно и поодговорно управување со јавните финансии, со фокус на стабилност, отчетност и ефективност во трошењето.