СДСМ бара натпартиски консензус, но само кога е опозиција
27 мај 2025Натпартиски консензус за важни прашања за државата секогаш е најдобро решение, но на таков консензус на партиите им текнува дури кога ќе бидат испратени во опозиција. Додека се на власт, тврдат дека власта треба да биде визионерска - да носи тешки одлуки, честопати наспроти ставовите на други партиски субјекти или на доминантните ставови во општеството.
Венко Филипче, претседателот на опозициската СДСМ, партија која во нејзиниот владин мандат без обезбеден натпартиски консензус склучи договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатишта во земјава, за што усвои специјален закон, го исклучи Законот за јавни набавки и предизвика измени на девет закони, денес критикува за договорот Влада со Влада помеѓу Македонија и Обединетото Кралство. Овој договор на Македонија ѝ става на располагање финансиска рамка за проекти од пет милијарди фунти, а според Филипче, нетранспарентноста остава сомнежи дека постојат заднински намери и можност за сомнителни практики.
„Тоа е како јас да одам со вашата лична карта во банка и да извадам кредит на ваше име и вие утре да дознаете дека имате кредит кој не знаете под кои услови и камати ќе го плаќате. Тоа е кривично дело, а во нашиот политички свет е очигледно бизнис“, изјави тој за „360 степени“.
Цената за излез од ќор-сокакот
Во фон на овие критики, Филипче заборави на едно многу поважно прашање - т.н. францускиот предлог кој владата на СДСМ и ДУИ беспоговорно го прифатија иако за него не беше обезбеден натпартиски консензус, а е поважен од каков било пакет економски договори.
Висината на „каматите“ што Македонија денес ги плаќа за тој потег е немерлива во бројки: ем тој предлог не го деблокираше интеграцискиот пат на Македонија, ем со него се инсталираа услови со голем перпетуирачки потенцијал за идни вета. На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека блокираниот ЕУ-процес е последица на политиките на претходната влада, претседателот на СДСМ денес вели - тоа е завршена работа и цената ја плативме на изборите.
Не е завршена работа. Филипче зборува само за цената што ја платила партијата на изборите, а не и за цената што ја плаќа државата, како и дополнителната цена за напорите да се излезе од тој ќорсокак.
Најавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека Австрија е подготвена да разговара за изнаоѓање креативно решение со Бугарија, засега наидуваат на молк во Софија. Во некои од ретките изјави на општественици, се повторува веќе слушнатата теза – „Бугарија нема спор со Македонија, Скопје нека разговора со ЕУ ако има проблем“.
Опасни тези
Доцент Спас Ташев од Бугарската акaдмија на науки (БАН) вo разговор за „Бугарија on air“ вели дека нема никаков сигнал за посредништво од Австрија. Потсети и дека Унгарија претходно изразила подготвеност да посредува меѓу Софија и Скопјe, но не се случило ништо.
„Помина една година, помина и унгарското претседателство - не видов ниту еден збор од унгарска страна во врска со посредништвото (...) Претпоставувам дека и сега ќе биде исто“, изјави Ташев, според кого малку е веројатно дека Австрија се обврзала на таква идеја.
Тој смета дека бугарската дипломатија треба поостро да ги претстави проблемите со Македонија пред европските партнери, но и дека е потребна европска интервенција. Притоа изнесе, досега јавно неслушнати очекувања, поврзани со македонскиот јазик, кој Бугарија не го признава.
„Треба да има таква (европска -н.з.) интервенција. Ја земам како пример Романија. Таа имаше огромни проблеми со Молдавија. Се создаде европски фонд Романија-Молдавија. Романија доби европско финансирање и гледаме како за неколку години во Молдавија веќе се тврди дека официјалниот јазик е романски. Ние сме светлосни години далеку од слично решение кон проблемите со Скопје“, изјави Ташев.
Молдавскиот парламент во 2023 година го преименува молдавскиот во романски јазик. Тоа беа чекори кои молдавската влада ги презема за да се ослободи од руското наследство и да не ѝ се случи судбината на Украина, откако во февруари 2023 година Путин го анулираше декретот од 2012 година, со кој Кремљ го гарантира суверенитетот и интегритетот на Република Молдавија.