Ријад: Започнаа разговорите САД-Русија
18 февруари 2025Речиси три години по почетокот на војната во Украина, делегациите на САД и на Русија денеска се среќаваат на разговори во Ријад. Американската страна на средбата во главниот град на Саудиска Арабија ја претставуваат државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, додека Москва ја претставуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и претседателскиот советник Јуриј Ушаков.
Според руски извори, главна цел на средбата ќе биде обновувањето на билатералните односи. Треба да се направат подготовки и за евентуална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Освен тоа, во Ријад ќе се разговара и за „можните преговори за решение за Украина“. Трамп минатата недела имаше ненадеен телефонски разговор со шефот на Кремљ и потоа рече дека Путин се согласил да започне преговори за иднината на Украина „веднаш“.
Американските официјални лица ги гледаат денешните разговори како прв контакт за да се утврди дали Москва е сериозна за завршување на војната во Украина. Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тeми Брус, даде изјава за новинарите во Ријад.
„Ова е продолжение на првиот разговор меѓу Путин и претседателот Трамп“, додавајќи дека фокусот ќе биде на тоа дали овој прв чекор е воопшто можен и „кои интереси постојат и дали може да се реши прашањето“.
Во интервјуто емитувано на германската телевизија АРД во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди на набрзина постигнатиот мировен договор и повтори дека Украина нема да прифати договор за кој се преговара без нејзино учество.
„Сѐ околу што Русија и Соединетите Држави можат да се договорат – ако воопшто сакаат да се договорат за нешто – се однесува на нивните билатерални односи. Тие секако не можат да преговараат со нашите луѓе и за нашите животи. За завршување на војната без нас“, рече Зеленски за АРД.